Родителите ќе може да знаат со кого комуницираат нивните деца на Снепчет

Вчера, социјалната мрежа Снепчет ја претстави првата опција што овозможува родителите да имаат контрола врз тоа со кого комуницираат нивните деца.

Опцијата именувана како „Семеен центар“ овозможува родителите да имаат увид кон тоа со кого се допишуваат или испраќаат фотографии нивните деца. Ова не ја нарушува приватноста на децата, зашто истата им дозволува на родителите само да знаат со кого комуницираат, не откривајќи ја содржината на пораките.

За да се користи новата опција „Семеен центар“ од страна на родителите, тие ќе мора да креираат свој Снепчет акаунт, а тинејџерите треба да дадат дозвола за да ја активираат алатката.

Според Снепчет, „Семеен центар“ треба да ги доближи родителите до своите деца, така што тие ќе ги знаат нивните виртуелни пријатели, како што ги познаваат пријателите со кои се дружат нивните деца  во реалниот свет.

Оттаму велат дека во следните месеци планираат да додадат уште опции како што е „Семеен центар“. Некои од новите алатки ќе вклучат можност родителите да имаат увид кои нови пријатели нивните деца ги додале на својата листа и ќе имаат можност да пријават доколку сметаат дека некои профили имаат интеракција со нивните деца, а на помладите корисници ќе им биде овозможена опција да ги известат своите родители доколку тие пријават одредена содржина или профил на корисник.

Опцијата „Семеен центар“ беше најавена уште пред 10 месеци, а беше претставена дури вчера.