Родителите исплашени: Најмалите на удар на Ковид 19 - дали градинките се доволно заштитени?

Десетици заразаени деца и вработени по градинки за повеќе од две недели, а министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска смирува дека ситуацијата е под контрола. Каде потфрлија градинките при згрижување на деца? Дали градинките се доволно безбедно место за згрижените деца? Колку владиниот протокол за работа во градинки овозможува безбедност за децата но и вработените?

Родителите уште пред самото отворање на градинките беа приморани да потпишат документ каде што градинките се оградуваат од одговорност ако детето се зарази од КОВИД-19.

„Не сум приморан да го носам детето во градинка и решението да го носам е во целост лично мое“. Оваа реченица од изјавата е што ги пречека родителите во градинките и со право ги разлути.

Тие деновиве при запишувањето на децата во градинките добија лист за изјава со 17 потточки. Дел од потточките ги наведуваат родителите да потпишат дека не се приморани да ги носат децата во градинка, дека решението е во целост нивно, дека ќе им ја проверуваат температурата на децата, дека градинката не им обезбедува гаранција дека нема да бидат заразени и уште многу други работи.

Вчера по медиуми излезе информација дека 13 деца на претшколска возраст и една негувателка од градинката „Коца Василева“ во Битола се во изолација, откако е потврдено дека воспитувачката од таа група е позитивна на коронавирус.

Станува збор за истата градинка каде пред три недели имаше друг случај на негувателка позитивна на ковид-19, кога пет деца и петмина вработени беа ставени во изолација.

Директорката на таа градинка смирува и вели дека двата случаи немаат никаква поврзаност еден со друг. Имено, воспитувачката како и негувателката претходно се заразиле од надворшен фактор.

-Сопругот на воспитувачката имал контакт со позитивно лице и уште во четвртокот таа ни јави, па веќе не доаѓаше на работа. Во саботата ги тестираа и двајцата се позитивни и се во изолација. Надворешен контакт е во прашање, а не во градинката. Тука се почитуваат сите протоколи, негувателките и воспитувачките носат задолжително заштитни маски. Но поради внимателност, 13 деца се во домашна изолација како и негувателката од истата група, нагласи директорката.

Градинката иако до сега имаше два пати случаи на заразени од КОВИД-19, и изолација на вработени и деца сепак продожува со работа.

Вчера уште кај четири деца до петгодишна возраст кои одат во градинка потврден е корона вирус. Извор на заразата е семејството кај сите четири деца.

Тестот е направен викендов и веднаш биле информирани градинките во населбите Аеродром, Ѓорче Петров и Карпош. 16 деца и четири учителки од сите три градинки заминале во самоизолација, информираа од Центарот за јавно здравје Скопје.

-Од самиот ден на отворање на 311 објекти ние сме во тек и ја следиме состојбата на вработените. Имавме градинки кои не стартуваа со работа заради позитивен вработен градинката во Свети Николе. Како што се појавуваа позитивни случаи, така според насоките од епидемиолозите се отстрануваат од работата тие вработени. Се работи пред сè за персонал кој е вработен во градинките. Имавме и случаи кога неколку дечиња кои заради контакти или од дома, биле позитивни. Будно ја следиме нивната здравствена состојба и на сиот персонал кој бил на некој начин во контакт. Значи засега само еден воспитувач е хоспитализиран, со оглед на тоа што имал и други хронични состојби, одговори вчера министерката Шахпаска на новинарско прашање за актуелната состојба со пандемијата и работењето на градинките.

Таа апелираше на почитување на мерките, држење растојание од еден и пол до два метри, често миење идезинфекција на рацете и површините.

Пред неколку дена владата направи и одредени измени во протоколот кој се однесува на згрижување на децата во градинките. Сега е предвидено во групите од 0 до 2 години, наместо по шест деца, да бидат згрижени по 12 дечиња и за нив да се грижат по две негувателки во смена.

Граѓаните велат дека власта не ги дослуша до крај експертите и се избрзаа со отворање на градинките. Градинките се отворија без скрининг на вработени, а тоа ја зголеми повеќе можноста за поголема застапеност на вирусот КОВИД-19 внатре по градинките.