Јавноста „на нозе“ по трагичната несреќа на Партизанска во која смртно беше прегазена младата Фросина од Неготино. Сè погласни се нападите кон родителите на младиот возач, 20-годишниниот Васил Јованов, земајќи го в предвид богатото криминално досие.
Додека во јавноста се споделуваат информации дека родителите на Васил кој сега е во притвор се „видни“ луѓе, сè повеќе се бара и нивна одговорност, но истовремено се прават „анализи“ на социјалните мрежи за нивната улога, но и општо улогата на родителите и воспитувањето во домот, во однос на општествените текови.
Дали и колку е оправдано да се „вперува прстот“ кон родителите? Јавноста поларизирана. Едни сметаат дека нивна е вината „што го испуштиле детето од раце“, па дошло до ваква трагедија, други имаат доза на разбирање за родителите и нивните маки.
Лазар Ѓуров, професор и мотивациски говорник, смета дека фокусот само кон родителите е навистина подол обид да се пренасочи гневот. Смета дека вина има и системот.
Ова е неговиот став објавен на неговиот фејсбук профил.
- Да, родителите очигледно потфрлиле. Но, каде е целиот систем кој тоа не го спречил? Обвинителство? Судство? МВР очигледно си ја вршело работата...го фаќало во прекршоци. Образование? Наставници? Стручни служби? Не ја вртите работата само кон родителите. Еден систем не треба да биде зависен само од способноста на родителите. Треба да има спреги кои ќе спречат девијација. Проблемот е комплексен.
Вина имаат и родителите за многу нешта во конкретниот случај што ја потресе Македонија.
Ова се дел од коментарите на јавноста:
- Дваесет години. Полнолетен. Сам одговара што вози пијан, што поминува на црвено со 120km/h, а дозволено е 50, што вози без возачка дозвола. Но. тоа што на 16 години возел кола, одговара гордиот родител.
- Семејството го прави системот. Сепак е основна клетка на општеството. Сите ние како родители сме должни да се бориме со искривените вредности. Ова семејство ги потхранило. Ние од очај и гнев го вперуваме прстот кон ова семејство, ама крикот е подлабок и поболен. Сега системот е на потег. Ако побара одговорност од секоја точка што довела до случката, ќе бидеме задоволни. Базата на таа пирамида за мене е семејството.
- Наместо да го научат на почитување на законите и вредностите на општеството, на концептот на други луѓе, тие му врежале идеја дека е недопирлив. (Ако) Користеле врски за да го извлекуваат од правни последици, и тоа не еднаш, со тоа му дале порака дека е над законот и над другите луѓе. Конечно, не само што му дозволиле да продолжи со деликвентското однесување, туку и го поттикнале на поголема дрскост и ризично однесување