Родителите и ортопедската клиника Мајчин дом бараат да се повлече предлогот за градска болница во Аеродром

За некого ортопедската клиника “Мајчин дом” во Аеродром е само запустена зграда на чие место треба да никне нова градска болница, но за малото момченце од Чаир, кое има две и пол години, ова клиника е надеж дека конечно ќе застане на нозе и ќе може да си игра со врсниците, пишува Вечер на оваа тема. 

Иако во поголем дел зградата на Мајчин дом е нефункционална, пред некоја година еден дел беше реновиран и опремен токму за вежбање на дечиња кои имаат проблем со моторниот развој. Токму за оваа клиника, која ќе се урива во моментов, се бара место повеќе, а недостигот на кадар е причина родителите да чекаат со месеци за да своето дете повторно го донесат на вежбање. Еден од неговите редовни пациенти е и малото момченце од Чаир. Неговите родители се револтирани, велат дека освен во рехабилитациониот центар во Козле, Мајчин дом е единственото место каде што се вежбаат мали дечиња. Ако се урне, децата ќе бидат оставени сами на себе, бидејќи и во Козле има големи гужви и се чека за термин.

– Порано детете го носевме во Козле, но многу подобри резултати даде во Мајчин дом. Веќе една година го носиме во Мајчин дом и дететот навистина, стана позаинтересирано, веќе почна и да лази. И сега наместо да продолжиме до проодување ние ќе го пресечеме детото. Каде ке го носиме потоа во Козле не може сите да не собере, а и плус овде користат поинакви методи што кај мојот син дадоа поголеми резултати. Зошто наместо градска болница, ова не прерасне во центар за дечиња кои имаат проблем во развојот. Каде родителите да ги носат децата, болници има треба да се подобрат услугите, вели мајката на момчето од Чаир.

Пред пет години на иницијатива на здружението “Дајте ни крилја” во Мајчин дом се реновирани 370 м2. Инвестицијата чинеше околу 70.000 евра. Со тоа овој центар доби соодветен простор за рехабилитација и третман на лица со физички хендикеп. Парите се обезбедени од спонзори, донатори и пријатели. Од здружението велат дека се шокирани од одлуката на министерот за здравство да се гради градска болница на ова место.

– На претпоследниот состанок за креирање на новиот акционен план за здравствена заштита на пациенти со попреченост за наредната година беше иницирана и разгледувана можноста “Мајчин дом” да прерасне во Центар за рехабилитација на лицата со попреченост. И на средбата со градоначалникот на Аеродром ни беше кажано дека постои можност да се реализира “Мајчин дом” за децата со посебни потреби, велат од “Дајте ни крилја”.

Од здружението бараат средба со министерот за здравство, а преку писмена реакција до министерството бараат да се повлече и одлуката за изградба на градска болница на местото на Мајчин дом.

Иако побаравме став од Министерството за здравство што ќе се случува со дечињата кои сега вежбаат таму, каде ќе продолжат и какви услови ќе имаат и што со вработените од Мајчин дом, не добивме одговор.

Директорот на Мајчин дом, Илир Хасани, пак за” Вечер” вели дека нема никакви информации што ќе се случува со Мајчин дом.

– Во моментов дискусијата е на ниво на идеи и разговори, сигурно децата нема да останат надвор, ќе се прераспределат, вели Хасани.

Иако вработените во Мајчин дом немаат добиено никакво известување каде ќе продолжат, во меѓувреме Министерството за здравство минатата недела побрза да распише конкурс за избор на идеен проект за новата градска болница. Проектите треба да се достават по пошта или во архивата на Министерството за здравство најдоцна до 18 јули до 13 часот.