Роденденска изложба на МНТ за македонските драми на неговата сцена

Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“ e насловена изложбата со која Македонскиот народен театар утре ќе го одбележи 74-тиот роденден.

Идејата за изложбата е да бидат претставени автори од различни генерации чии дела во континуитет се прикажуваат на сцената на Македонскиот народен театар, како Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Дејан Дуковски…

Од самите почетоци МНТ на својата сцена постојано поставува дела од македонски автори. „Чорбаџи Теодос’ од Иљоски е третата премиера на националниот театар, поставена на 16 август 1945 година. Досега МНТ имал 400 поставени или обновени претстави, а повеќе од сто се дела од македонски автори од различни генерации.

-Во секоја од нив на различен начин се третира секојдневието, традицијата, митовите и приказните. Не само како драмски текстови, но и преку игра, слика – сценографија и костимографија, дизајн – програмка и плакат. Се конструираат модели на сцена кои интерпретираат и демонстрираат вистинска театарска култура и се спојуваат/истакнуваат наративноста и комуникацијата, наивизмот и бајковитоста, сатирата и реалноста, комиката и фантазијата, соопшти МНТ.

Преку експонатите на изложбата ќе биде прикажан патот на еден драмски текст од напишан збор до одигран и изговорен збор на сцена. Истовремено, тоа е и приказ на богатото драмско творештво на македонските автори, но и нивниот приказ во различната и обемна сценска продукција.

-Низ сите авторски дела, создадени се автентични решенија кои македонскиот театар го подигнаа на високо рамниште, како составен дел од одразите и настаните на светската театарска сцена. Ќе се опфати целосното оформување и поставување на драмата на македонскиот автор, од текст до сцена, откривајќи притоа различни сензибилитети и идејни концепти, а во зависност од актуелниот временски и просторен миг, наведува МНТ.