РКЕ: Обврската за испорака на парно е до издавање лиценца на нов вршител на дејноста

Обврската за вршење јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца, во случајов нов вршител на дејноста, велат од Регулаторната комисија за енергетика РКЕ, откако БЕГ дистрибуција денеска соопшти дека нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона.

Од РКЕ истакнуваат дека во Законот за енергетика е прецизно дефинирано вршењето на јавна дејност производство на топлинска енергија од регулиран производител. А основната задача на вршителот на јавна дејност е да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно производство на топлинска енергија, велат од Регулаторна.

-Ве информираме дека Законот за енергетика, кој доби и зелено светло од  Енергетска заедница во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека се до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување на јавна дејност. Обврската за вршење на јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца (во случајов нов вршител на јавна дејност) - наведуваат од Регулаторната комисија за енергетика.

На компанијата БЕГ во месец јуни и беа одземени лиценците. Причината беше неликвидноста како резултат на високите цени на природниот гас. Од БЕГ претходно соопштија дека немаат правен основ да располагаат со топланите, како и дека немаат обврска да продолжат со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија.

По соопштението од БЕГ од Владата исто така порачаа дека се додека не се избере економски оператор, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија.

По одземањето на лиценците на БЕГ Владата објави јавни повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Јавното отворање на понудите се одржа на 13 септември. Во тек е евалуацијата, а се формираа три претпријатија по одземањето на лиценците на БЕГ: ЕСМ ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје и ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје.