РКЕ најавува блок тарифи за потрошувачка на струја по пониска цена, рестрикциите не се опција

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) најави дека кон крајот на јануари или почетокот на февруари ќе воведе блок тарифи со кои ќе се обезбеди потрошувачка на струја по пониска цена.

Како што соопшти претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, рестрикциите не се опција.

Бислимовски на прес-конференција соопшти дека електричната енергија за домаќинствата ќе се зголеми за 9,48 проценти, а од 1 јануари ќе се укине и дневната евтина тарифа. Со оваа одлука, РКЕ смета дека ќе нема потреба од ново зголемување на цената, но состојбата на пазарот ќе се следи.

– Ова е една од најтешките одлуки што ги донела РКЕ од своето постоење. Реалното зголемување ќе беше многу поголемо, околу 25 проценти, но успеавме да скратиме многу трошоци, а Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период, истакна Бислимовски.

Компаниите не се задоволни од одлуката на РКЕ, но се свесни, рече Бислимовски, дека ако има драстично поскапување, нема да соберат пари од потрошувачите зашто ќе се намали степенот на наплата.

– Вкупно 25 милиони евра за обновливи избори се тргнати како трошок во оваа одлука за цената на електричната енергија. На снабдувачите, наместо да плаќаат 250 – 260 евра, дадени им се годишно околу 240 милиони киловат часови по 105 евра за мегават час, објасни Бислимовски и подвлече дека секоторот не може да издржи загуба на 100.000 евра за еден ден.

Се разгледува, додаде Бислимовски, и опцијата за намалување на профитите на компаниите.

– Профитот кај МЕПСО и Елелектродистрибуција е намалени за 90 проценти или околу 21 милион евра се тргнати да не бидат на товар на граѓаните. Инсистиравме и ЕСМ да обезбеди 100 проценти од потребите на домаќинствата. Во оваа наша калкулација не се внесени никакви трошоци за увоз. Целокупните потреби на домаќинствата ќе бидат обезбедени од ЕСМ за 141 евро за мегават час. Побаравме Владата да им помогне на државните компании за да ја задржат ликвидноста. Калкулираме дека набавната цена за покривање на загубите ќе изнесува 143 евра за мегават час и тоа е просек на ниво на цела година, иако компаниите побараа многу повеќе – Елелектродистрибуција 220 евра за мегават час и МЕПСО над 200 евра, нагласи претседателот на РКЕ.

Според претседателот на РКЕ, евтината тарифа во текот на ноќта и во недела остануваат и никогаш не биле доведени во прашање, а доколку не се укине дневната евтина тарифа од 14-16 часот, цената на струјата ќе требаше да се зголеми за 14,23 отсто.