Ритуал од 18 минути кој ќе ви помогне да бидете продуктивни во текот на целиот ден

Дали често го започнувате денот со намера да ги завршите своите обврски, но подоцна сфаќате дека не сте завршиле премногу?

Photo by Mille Sanders on Unsplash

Питер Брегман, автор на книгата „ 18 минути: Најдете го својот фокус и завршете ги работите“ споделува дека важен е процесот кој треба да го следиме, а кој ќе ни помогне да останеме фокусирани во текот на целиот ден.

Ова е ритуалот кој тој го предлага за зголемување на продуктивноста.

Чекор 1: план (5 минути)

Пред да го започнеме својот ден, на лист хартија важно е да ги запишеме задачите кои треба да ги завршиме во текот на денот. Потоа, земете го календарот и распоредете ги обврските во одредено време. Најтешките активности е важно да бидат најрано во денот, а потоа како што ни паѓа фокусот и енергијата, да ги завршиме оние кои бараат помалку фокус.

Чекор 2: Рефокусирање (1 минута на секој работен час)

Ставете аларм или друг начин на известување кој се вклучува на секој час во текот на денот. Кога ќе добиете потсетување од алармот, запрашајте се себеси дали сте го поминале продуктивно изминатиот час. Според Брегман, овој ритуал ќе ви помогне да се вратите на вистинскиот пат доколку нешто ви го украло вниманието.

Чекор 3: Преглед (5 минути)

На крајот на денот прегледајте што функционирало добро, што е она на што највеќе сте се фокусирале и кога ви опаѓа продуктивноста. Дали сте ги исполниле своите задачи и што би можеле утре да направите подобро.

На пример, ако повеќе работи сте завршиле наутро, но ви било тешко да се фокусирате на нив попладне, размислете за тоа во вашиот календар да го запишете она што бара концентрација и тоа да биде што порано во денот. Помалите задачи би можеле да ги оставите за подоцна во денот.