Ристовски: Спортистите неделава ќе ги добијат парите од државата, вкупно 550 милиони денари

Министерот за спорт, Борко Ристовски вели дека во текот на оваа недела спортистите ќе ги добијат парите од државата во висина од 550 милиони денари. Според него овие пари требале да бидат исплатени во почеток на годината но претходната владеачка гарнитура не го напрвила тоа.

„Во текот на оваа недела, според нови критериуми, ќе бидат поделени оние 550 милиони денари државни субвенции во спортот кои од претходната власт не беа ни буџетирани. Отворивме нов проект со фокус на врвниот спорт според кој, националните федерации и клубовите кои имаат официјални меѓународни настапи добија 84 милиони денари. До крајот на годината ќе отвориме уште една нова програма, која ќе значи поддршка на развојот на женскиот спорт и поддршка за млади таленти. Секоја распределба на овие државни средства за спортот ќе поминува на седница на Владата, што е уште еден сегмент во обезбедување на транспарентноста“, изјави Ристовски.

Најавените средства во износ од речиси девет милиони евра се од програмата „спортски ваучер“, преку која изминативе неколку години спортските колективи и спортисти ги обезбедуваа најголемот дел од средствата неопходни за нормално тренирање и натпреварување.