Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во градежните активности за завршување на базенот во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, еден од проектите кои се закочени со години.
Иако проектите за доградба на базените кои четири години стојат како ругло во општините низ Македонија беа најавени за следната година, со заложба на Министерството за спорт, работите отпочнуваат веќе денеска.
„Драго ми е и многу сум горд што конечно најдовме решение за нешто што беше запоставено четири години. Најдовме заеднички јазик со операторите и отпочнуваме со работа и порано од она што го планиравме. Сите пет базени кои беа отпочнати од претходната власт и оставени, ќе бидат завршени до крајот на летото, изјави министерот Борко Ристовски.
Станува збор за пет базени отпочнати од поранешната Агенција за млади и спорт и оставени недовршени. Тоа се: базенот во ООУ „Даме Груев“ во Битола, базенот во ООУ „Санде Штериоски“ во Кичево, базенот во населеното место Суитлак во Штип, базенот во ООУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ во општина Ѓорче Петров и базенот во ООУ „Невена Георгиева Дуња“ во општина Кисела Вода.