Ристовски контра Јакимовски за (не)изградбата на висококатницата во Карпош

Поранешниот кандидат за градоначалник на скопската општина Карпош, од редовите на Левица, Дарко Ристовски кој е советник во Советот на оваа општина, преку фејсбук статус, порача дека нема да има отстапки за ниту едно лошо урбанистичко решение во општината. 

Откако вчера беше изгласана забраната за изградба на 28-катница кај „Букуреш“, Ристовски вели: 

-Апсурдна и неточна е констатацијата на градоначалникот Јакимовски дека со оваа одлука се оневозможуваат сите планови. ДУП-ови постојат, а постоечките урбанистички планови се спроведуваат освен тие кои се спорни и не се од интерес на жителите на општината. Градоначалникот со месеци наназад ги саботира и откажува седниците со обид да го делегитимира Советот на Општината не бирајќи начин и средства, а се со цел за да направи сценарио за избор на нов совет. 

Ристовски рече, дека ќе продолжат да го спорат секое лошо урбанистичко решение кое може да им одземе од квалитетот на живот на Карпошани.

-Општина Карпош има потреба и заслужува градоначалник кој ќе ги стави на прво место интересите на своите жители пред бизнис интересите на мала група градежни опортунисти, посочи тој во својата објава.