Во самиот центар на Скопје, на аголот меѓу Плоштадот Македонија и улицата „Македонија“, се издига една од најпрепознатливите градби во главниот град – Ристиќевата палата.
Иако илјадници луѓе секојдневно поминуваат покрај неа, малкумина ја знаат приказната за објектот кој речиси еден век сведочи за развојот на градот.
Палатата е изградена во 1926 година по нарачка на српскиот трговец Владислав Ристиќ, кој сакал да изгради репрезентативен деловно-станбен објект во тогашното модерно Скопје. Проектот е дело на српскиот архитект Драгиша Брашован, еден од најзначајните архитекти на своето време, кој во зградата ги споил академизмот и елементите на сецесијата, создавајќи градба што и денес привлекува внимание со својата елегантна фасада, декоративните детали и препознатливиот аголен изглед.
Ристиќевата палата брзо станала симбол на урбаниот развој на Скопје меѓу двете светски војни. Во неа имало деловни простории, продавници и станови, а нејзината локација ја претворила во едно од најживите места во градот.

Најголемиот предизвик за палатата дошол на 26 јули 1963 година, кога катастрофалниот земјотрес го разурнал најголемиот дел од Скопје. Додека бројни објекти биле целосно уништени или сериозно оштетени, Ристиќевата палата успеала да остане исправена. Иако претрпела оштетувања и подоцна била санирана, нејзината конструкција издржала, поради што денес се смета за еден од најпознатите објекти што го преживеале земјотресот.
Со текот на децениите, зградата останала важен дел од градскиот живот. Нејзиното приземје отсекогаш било исполнето со дуќани, кафулиња и деловни простори, додека горните катови продолжиле да ја задржат својата станбена функција. Благодарение на својата архитектура и положба, таа често се појавува на старите разгледници, фотографии и туристички водичи за Скопје.
Денес, Ристиќевата палата не е само архитектонско наследство, туку и доказ за тоа дека Скопје успеало да ја зачува својата историја и покрај трагедиите низ кои поминало. Опкружена со нови градби кои постојано никнуваат околу неа и тоа во различен стил, таа продолжува да сведочи за времето кога градот ги поставувал темелите на својата модерна архитектонска препознатливост.