
Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 зборуваше за мерките на Владата за стабилизирање на цените и економската состојба во државата. Тој истакна дека досегашните мерки, како ограничувањето на маржите и замрзнувањето на цените на одредени основни производи, веќе дале резултати и дека се очекува цените да се намалат во просек за 10%.
Во однос на острите реакции на трговците, кои се против ваквите мерки, Ристески кажа дека досега трговците ретко самостојно преземале акции за намалување на цените и не покажале доволна општествена одговорност. Истакна дека повеќе од 20 маркети доставиле предлози за намалување на цените, но сите биле различни, што покажува дека не постои усогласеност во нивниот пристап.
Ристески потенцираше дека Владата не ги прави истите грешки како претходната власт, која, според него, со неконтролирано замрзнување на цените предизвикала инфлација и штета врз бизнис-секторот. Како пример, тој спомена дека претходната влада наметнувала фиксни цени без консултации, што довело до економски проблеми кои сè уште се чувствуваат.
Тој исто така зборуваше за Законот за нефер трговски практики, кој е усогласен со европските директиви и е поддржан од сите политички партии. Овој закон, според него, нема веднаш да донесе резултати, но на долг рок ќе помогне во стабилизирање на пазарот. Иако досега нема изречени казни, инспекциските служби активно работат на терен, а казните за прекршување на законот може да достигнат и до 20.000 евра.
На прашањето за тоа како да се спречи манипулацијата со грамажата на производите, Ристески истакна дека постојат механизми во рамките на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) кои овозможуваат санкции за вакви злоупотреби. Владата, исто така, вовела правило според кое 70% од производите мора да бидат присутни на полиците, за да се спречи вештачко создавање на недостиг.
Ристески напомена дека граѓаните очекуваат драстично намалување на цените, но тоа не е реално, бидејќи пазарните услови не дозволуваат враќање на цените на нивото пред пандемијата. Според него, Владата ќе продолжи со политики кои ќе овозможат постепена стабилизација на пазарот.