Рио се поклони на хуманоста: Наградени двете атлетичарки за убавиот потег

Навистина несекојдневна ситуација се случи на квалификациите од женските трки на 5.000 метри на Олимписките игри во Рио де Жанеиро.

Американската атлетичарка Аби Д’Агостино во еден момент падна на патеката, а нејзината конкурентка од Нов Зеланд, Ники Хамблин, одлучи да го занемари остатокот од конкурентскиот дел на трката за да и’ помогне на Аби.

Публиката на стадионот реагираше со воодушевување и одобрување на таквиот нејзин потег. После извесно време, двете атлетичарки ја продолжија трката и успеаја заедно да стигнат до целта како 15  и 16-то пласирани.

Тогаш се случи она кое никој не го очекуваше – организаторите одлучија двете натпреварувачки да настапат и во финалната трка, како награда за фер-плеј, иако Хамблин имаше задоцнување од минута и пол, а Д’Агостино речиси две минути во однос на времето потребно за пласман во финале.

„Никогаш нема да го заборавам овој момент, ништо не ми беше јасно во миговите кога ми пријде. Кога некој ќе ме праша нешто во врска со мојот настап во Рио, ќе му  ја раскажам оваа случка. Ники е мојата приказна“, изјави Американката после трката.