Резервација и пасош за милениците да одат заедно со вас на одмор

Резервација и пасош ви се потребни доколку сакате вашето домашно милениче да оди на одмор со авион. Ако сте решиле да отпатувате некаде на пат со авионски превоз, а имате домашно милениче кое нема кој да го чува или едноставно сакате да го поведете со вас, тогаш ќе мора да ги следите барањата и упатствата на вашата авиокомпанија.

Најчесто авиокомпаниите прифаќаат да вршат транспорт на животни, но се разбира дека има одредени процедури кои мора да ги направите.

Од неофицијални извори дознаваme дека една од авиокомпаниите прифаќа да изврши транспорт на животни за помала сума, но под услов пред да отпатуваат животните да бидат успиени со валеријана и така успиените миленичиња ги сместуваат во карго делот. Бидејќи ваквата постапка е незаконска, најдобро е да си платите колку што треба и да патувате мирно.

Најпрво треба да проверите дали авиокомпанијата со која патувате врши транспорт на животни, потоа да поднесете пасош за миленичето, ветеринарна книшка со потврда дека миленичето е вакцинирано и здраво. Потребно е да се достават тежината на кафезот и миленичето, како и да се направи резервација за истите.

Доколку авиокомпанијата даде позитивен извештај, миленичето ќе може да патува, бидејќи е ограничен и бројот на животни кои патуваат со авион.

Миленичето кое тежи заедно со кафезот до осум килограми смее да патува горе во кабината заедно со патниците, меѓутоа доколку тежи повеќе од осум килограми се доплаќа во зависност од тежината и димензиите на кафезот.

Двајца Американци, кои пред четири години одлучиле да основаат авиокомпанија за превоз на домашни миленици под името "Пет Ервејз", сега имаат пет авиони, чии летови се распродадени два месеца однапред. Бидејќи класичните авиокомпании не прифаќаат превоз на сите животни, а понудените услуги се многу ограничени, овие двајца американски државјани уште во 2005 година дошле на идеја да отворат линии исклучиво за домашни миленичиња. Компанијата "Пет Ервејз" лета на релации меѓу пет големи американски градови (Њујорк, Вашингтон, Чикаго, Денвер и Лос Анџелес), а цената на картата изнесува 245 долари. За оваа цена на животните им е обезбедена придружба до авионот и надзор кој персоналот во текот на летот го извршува на секои 15 минути. Во цената е пресметана и прошетка пред влегувањето и пауза за физиолошките потреби на животните. На секој аеродром на животните им е на располагање специјална просторија во која можат да се одморат пред патот.