Резбарени тавани во градските куќи во Битола

Етнолошката збирка на НУ Завод и Музеј-Битола отсликува дел од богатството и естетиката на битолската градска куќа, а резбарените тавани претставуваат исклучително впечатлив елемент во ентериерното уредување.

Според д-р Мери Стојанова, етнолог резбарените таваници во Битола претставуваат ретки вредни културни споменици, а зачуваните триесеттина фрагменти од резбарени таваници кои потекнуваат од битолските куќи се сведоштво од периодот на 19. век.

Улогата на градителските тајфи

Појавата на резбарените тавани во битолските градски куќи се врзува со мајсторството на градителските тајфи и нивните вештини стекнати во урбани европски центри. На македонсково поднебје се идентификуваат неколку области во кои се негува градителството како традиција, односно Река во Дебарско, потоа битолскиот регион, прилепскиот, велешкиот, охридско-струшкиот, Кичевско, Кратовско и Кривопаланечко, а често битолските градски куќи ги уредувале и вредни мајстори од Костурско и Леринско.

– Изградбата на еден од најимпозантните објекти во Битола, денешната зграда на НУ Завод и Музеј, ја вршеле две дебарско-рекански дружини, од нив едната работела на градежните зафати, а другата на сликаната декорација. Во овој објект работела и тајфата на познатиот мимар од Крушево, Стојан Везенко, како и тајфите на велешките мајстори Димо, Петруш, Ицо, Велко и извесен мајстор ѕидар Дамјан Јанкулов, појаснува Стојанова.

Во овој важен период од историјата на градот активни се и дрворезбарите кои во Битола доаѓале од Галичник и кои освен иконостаси и сличен мобилијар во профаните објекти во градот, често изработувале и резбарени таваници во битолските домови. За ефикасно работење мајсторите користеле широка палета на покрупен и поситен алат, и специјални резбарски длета „криво олуче“, „мајзла“, „поширок олук“, „тригонче“, „з’мба“….

-Во поглед на материјалот кој се користел за изработка на резбарените тавани и извршените физичко-хемиски анализи на зачуваните фрагменти, забележав дека најчесто користени се два вида дрво, односно орев и елка. Од орев изработени се розетните и останатите делови на таваниците и тоа во плитка, длабока, поткопана и ажурна резба, додека пак аголните и други делови од таваниците се изработени од елово дрво. Изработката на резбарените дрвени тавани се вршела со самиот почеток на градбата на куќата односно во фазата кога се поставувал т.н. „слеп таван“, појаснува Стојанова и додава по завршувањето на градбата, прицврстувањето се изведувало со помош на дрвени чивии и аглести метални клинци.

Розети, аголни елементи, корнизи и други резбани украси на таваните

На таваните од битолските градски куќи централно најзастапени и највпечатливи се познатите розети или „колца“ во октагонални и други форми. Сите се изработувани во врвни копаничарски или дрворезбарски техники и најчесто доминираат во просторот. Така поставените розети, вели Стојанова, оставаат впечаток дека централниот мотив како да е приказ на „центарот на светот“ околу кој се собираат сите помалку важни „нешта“.

-Оваа условно речена хиерархиска поставеност, центар-периферија е присутна и на поединечно фрагментирано ниво, односно кај сите аголни елементи видливо е дека во централниот дел има доминантни мотиви, додека останатиот дел се дооформува во зависност од целината. На зачуваните фрагменти изведена е релативно густа флорална декорација, преточена во различни композиции на стилизирани листови, цветови, цветни пупки, гроздови, лозови гранки со гроздови и листови и слично со што се добиваат хармонични целини со голем уметнички квалитет. Дополнителна убавина и сјај на резбарените делови од таваниците им дава природниот лак, нанесен врз првиот обоен слој кој се изработувал од мека смола со жолта нијанса, појасни Стојанова, воедно актуелна директорка на НУ Завод и Музеј-Битола.

Музејската збирка нова туристичка атракција во Битола

Сликаните полихромни тавани чии фрагменти се зачувани во музејската збирка биле тренд во многу битолски градски куќи. Но, исто така лесно се заклучува дека биле во употреба или во „мода“ подлог временски период, а потврда за тоа е нанесениот втор слој на боја кој сопствениците го ставале во зависност од потребата да се менува колоритот во куќата, но не и резбарените елементи.

Тоа пак зборува за префинетиот вкус на битолчани за културните прилики и трендови во тое време, но нагласува д-р Мери Стојанова, тоа е и потврда за умешноста на мајсторите –занаетчии кои биле вистински уметници кои успевале со своите вештини да вдахнат топлина и убавина во секој дом.