Револтирани возачи, пешаци и пациенти - зa влез во Клиничкиот центар се чека и по половина час

Колони од автомобили, сирени, нервоза... Револтирани возачи, пешаци и пациенти. За влез во Клиничкиот центар во Скопје се чека и по половина час.

Ваква е сликата секој ден на Водњанска. Најголемата гужва е во утринските часови кога медицинскиот персонал доаѓа на работа, а болните на закажаните термини за преглед.

Додека стигнат до лекарот за закажаниот преглед или пак за прием во болница, граѓаните прво мора да се намачат за да најдат паркинг во сообраќајниот хаос, или пак да поминат меѓу паркираните автомобили.

Нормалното движење низ клиниките е отежнато, тротоарите се окупирани со возила, а пациенти бараат слободен простор меѓу автомобилите.

Ниту сообраќајната полиција која е присутна пред влезот не може да го реши хаосот. Најголемиот застој се прави на рампата за влез.