
Револтирана скопјанка во Фејсбук групата „Стари скопјани“ сподели објава во која, како што вели дека поставени столпчиња покрај улица кај пазарот во Буњаковец не издржале ниту седум дена, туку веднаш биле откорнати за некој тој дел да го користи како паркинг, или како што посочи, „пазарџија гордо да ги врати сопствените гајби на сред улица“.
„Пред неполна недела беа поставени зелениве столбчиња — цивилизациски експеримент за оние што и по 30 години сè уште не научија дека улица не е паркинг. Епа, не издржаа ни 7 дена! Сите столпчиња — херојски откинати, како трофеи од победничка битка против редот и здравиот разум. А за да биде сликата комплетна, пазарџијата гордо ги врати сопствените гајби на сред улица — дежурни чувари на анархијата, 24/7. Браво, народе“, вели оваа скопјанка во објавата на Фејсбук.
Таа иронично додава дека секој што ќе откине столбче, добива медал за селска креативност и диплома за „Градско Преживување без Правила“.
„И, за финален штрих — улицата пука по шавови, со дупки, со кал, без крпеници... ама никој надлежен не го забележува ова, никој не коментира. Скопје повторно победи – не со култура, туку со чист, оригинален, неповторлив сељачизам. Мнозинството триумфира. Урбана култура 0. Ул. Дебарца, Пазар Буњаковец“, вели скопјанката.

