Ревизија на одлуките за финансирање проекти во Годишната програма за култура

Комисиите во Министерството за култура од денеска почнуваат со разгледување на сите одбиени апликации на на конкурсите за финансирање за 2019 година, по бурните реакции во јавноста по направениот избор на добитниците на годишните конкурси во ова Министерство, а беше побарана и оставка од министерот за култура, Асаф Адеми.

Одлуките за сите одбиени апликации ќе бидат поништени, и по нивното повторно разгледување, доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти од национален интерес ќе биде дополнета, соопштија од Министерството за култура.

Министерот за култура Асаф Адеми во интервју за Канал 5 рече дека разгледувањето ќе биде јавно, додавајќи дека одлуката за проектите била врз основа на предлозите на работните комисии составени од професионалци кои месец и половина ги разгледувале апликациите, а се врз основа на критериумите од конкурсот што беше објавен во септември лани.

–  Јас одлучувам онака како што ми наложува Законот за култура, не сум го измислил  начинот на одлучување, ниту пак начинот како ќе бидат финансирани апликациите, наведе министерот Адеми.

Претходно, премиерот Зоран Заев рече дека „освен за Националните институции каде што нема реакции, тоа се домовите на културата, каде се направени фер распределби, за сите други апликанти, одлуката ќе биде поништена и ќе биде повторно донесена“.