Ретко кој верува дека за пожарот во Тетово ќе има разрешница?!

На 8. септември доцна вечерта се случи краткотраен, но силен пожар во ковид болницата во Тетово кој однесе 14 животи. Тргнале да се лекуваат од опасниот вирус, изгореле живи.

Пет дена подоцна болка, тага, сочувство за настраданите и нивните семејства, но и повици за одговорност. Но, токму ова прашање за чија е одговорноста за случајот изминативе неколку дена стана вистинска политичка сага. Препукувања меѓу партиските табори, жестоки критики и одбрани на социјалните мрежи...

Иако министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик, како и двајцата директори од тетовската болница ги понудија своите оставки, тие се уште не се прифатени од првиот човек на владата, Заев, кој вели дека ќе почека да види што ќе покаже истрагата.

Граѓаните најмногу реагираат на материјалот и стандардите по кои се градени сите модуларни болници во земјава. Велат станува збор за евтин, брзозапаллив материјал кој во комбинација со кислородниот гас од боците предизвикал ваков катастрофален пожар. Реагираат и на фактот што во ковид-центарот имало и блиски членови од семјствата на заразените кои се грижеле за нив што е несватливо во услови на пандемија.

Дали имало технички прием на оваа болница во Тетово пред нејзиното пуштање во употреба е следно прашање околку кои надлежните од различни сфери се контрадикторни.

Граѓаните и дел од екпертите упатени во оваа сфера предупредуваат дека и останатите модуларни болници ширум државава се ризични за употреба доколку се градени од ист или сличен материјал, додека надлежните уверуваат дека модуларните болници со своите капацитети спасиле голем број на животи, условно кажано.

И во светот се случија неколку трагедии со болниците од ваков тип, но граѓаните алармираат дека таму одговоните веднаш се повлекле од функциите од морални причини, поради човечките жртви.

Останува јавноста да ја почека официјалната истрага за овој случај, но, се чини, дека како и за голем број на случаи во земјава делото ќе застари или што би рекол народот „ќе се заташка“ па така во земјава од ден на ден се повеќе расте недовербата во правна држава. Полека, но сигурно стануваме земја на скептици во се што е праведно и правично!