Репортажа за „Св. Заум“ - Вистински рај, дар од природата за кој се прераскажани бројни легенди и приказни

Охридскиот крај е полн со прекрасна природа, вредна да се посети и да се ужива во неа. Да заборавиш на брзиот и на динамичниот живот, да ги ставиш на крај работините обврски и да се опуштиш во она што можеш да го видиш и почувствуваш таму.

Такво едно место е “Св. Заум”, за кое многумина велат дека е вистинска рај, а ОхридЊуз имаат репортажа каде од поблиску можете да се запознате со местото.

На 20-на километри од „Балканскиот Ерусалим“ во непосредна близина на селото Трпејца се наоѓа манастирот „Св. Богородица Захумска“.  Природно уточиште кое веќе децении и пркоси на забрзаната урбанизација на источното крајбрежје, место кое за многумина претставува вистински рај крај езерото.

Меѓу народот познат како  „Св. Заум“, дар од природата за кого се прераскажени бројни легенди и приказни. Почнувајќи од градбата на црквата, кованицата „За - Ум“, охридскиот бермудски триаголник, приказните на Марко Цепенков, па се до „стрмецот“ и чудните ветришта кои што се спојуваат во „Заумскиот залив“ од двете страни на езерото.

Според зачуваниот натпис, црквата е подигната и насликана во 1361 година од ќесарот Гргур за време на деволскиот епископ Григорие, а најновите исражувања покажуваат дека потекнува од тринаести век. Градена е во форма на впишан крст со купола која се потпира на четири столба. Она што привлекува внимание кај посетителите е претставата на Света Ана - Млекопитателница како ја дои малата Богородица.

Но ова место не би опстоело какво што е, без неговите „староседелци“. Топло добредојде за намерниците, чашка ракија, мезе и по некоја приказна за „авантурите“ кои се случиле далеку од секојдневието. Освен охридските фамилии кои повремено по воден пат доаѓаат, престојуваат, заминуваат и го одржуваат „Заум“, тука се и галебите, кормораните, патките, водните змии, лисиците, куните...

Низ целиот залив кој има карактеристична боја поради бистрите езерски води, чистиот хоризонт и „надвисната“ планина, може многу да се научи за традиционалните начини на риболов, но и за флората и фауната која ја има во изобилие.

Во непосредна близина на „Заум“ се наоѓа и извор кој доаѓа од длабочините на „Галичица“, од каде што потекува ретко бистра и чиста вода.

„Заум“ е место кое длабоко се врежува во сеќавањето на сите оние кои го посетиле, а многумина со нетрпение ќе чекаат на топлите денови, за повторно и повторно да се навратат на „рајот крај езерото“.