Ремен и маска - обврска само на хартија

Додека сопствениците на кучињата со ремен в рака седат на некоја од клупите и чекаат нивните миленичиња да се истрчаат, редовно по некој граѓанин е до смрт исплашен од нивното лаење и скокање. Легенда: Правилник има, но никој не го почитува.

Куче до смрт изгризало двегодишно дете. Куче нападнало жена... Ова се само едни од бројните информации во медиумите за честите напади на кучињата врз луѓе.

Како аларм, сигурно е добар повод сите оние што имаат кучиња да се замислат како треба да ги шетаат.

Кучињата миленици се почесто стануваат кошмар за шетачите и рекреативците кои се движат долж кејот, градските паркови и улиците.

"Навистина сакам да џогирам и да се прошетам по кејот, на Кале или во паркот, но ако комуналната инспекција не почне да ги казнува сопствениците на кучињата, навистина ќе се откажам од ова задоволство. Јавните површини навистина се наменети за сите, но треба да има правило каде и како се шетаат миленичињата, вели една скопјанка.

Со цел да се регулира начинот на кој сопствениците на домашните миленици треба да се однесуваат при движењето на јавните површини, во Градот е извршено дополнување на одлуката за јавен комунален ред. Со овие измени домашните животни мора да се под контрола на сопствениците и притоа да се водат со ремен и заштитна маска. Тие мора да бидат регистрирани и обележани поради идентификација, како и вакцинирани.

Наедно, забрането е водење и внесување на домашни миленици во спортско-рекретивни објекти и јавни пазари, користење на јавни чешми и фонтани за нивни потреби, како и уринирање или, пак, одржување на хигиената на јавните површини, велат надлежните.

 Секое непридржување кон ова подлежи на казна. Засега, сепак, се е само обврска на хартија, а комуналните инспектори најчесто во ваквиот случај "прогледуваат низ прсти", иако со одлуката, всушност, се врши разделување на миленичињата од животните скитници, за кои важи друг третман и за кои се надлежни службите на Ветеринарната болница.