Рекордот срушен: Над 100.000 лица аплицирале за карта за Супер Купот во Скопје

Најголем интерес во историјата за натпревар од Супер Купот на УЕФА токму за дуелот во вторник на Телеком Арената.

„Македонски спорт“ стигна до бројката на лица кои аплицирале за влезница за дуелот Реал Мадрид - Манчестер јунајтед кој ќе се одигра во вторник во Скопје. Околу 102.000 лица сакале да купат билет за спектаклот на Телеком Арената, а од нив само 24.000 го добиле среќниот меил од Нион. Станува збор за рекорден број на апликации кои се стигнати во службите на УЕФА за натпревар од Супер Купот на УЕФА.

Како што е познато билетите се продаваа по цена од 15, 30 и 50 евра а околу 12.000 влезници се поделени за навивачи од Македонија. Останатата половина е за странци а преостанатите билети до комплетниот капацитет од 33.000 гледачи се билети на УЕФА за спонзори, партнери.. но тука е и бројката на билети за ВИП гостите на двата клуба и нивните навивачи.

Исто така се поделени (продадени) и билети за фудбалските работници во Македонија.

Натпреварот Реал Мадрид - Манчестер јунајтед се игра во вторник на 08.08.2017 година во Скопје со почеток од 20:45 часот. Станува збор за мега-спектакл во регионот и најголем настан во Македонија.