Рекорд: Против скопјанец вработен во образовна институција има покренато 43 решенија за извршување

Извршител од Скопје останал шокиран кога доставил налог за извршување до образовна институција каде бил вработен должникот. Оттаму добил информација дека треба да чека во редот за извршување, бидејќи пред него за ова лице има уште 42 налози за извршување. По проверката во Катастар и во МВР, извршителот добил информација дека на име на должникот нема ниту имот, ниту возило, па поради тоа ќе поминат многу години за да ја изврши наплатата.

Ова е само еден пример со кој се соочуваат извршителите во секојдневното работење, но како што беше посочено на работилницата за новинарите што се одржува во Струмица, според статистиката за 2024 година, извршителите се пренатрупани со комунални предмети, кои изнесуваат  50 отсто од вкупно примените барања за извршување. Потоа следуваат предметите за судски паушал, односно за неплатена такса за водење на судските прекршочни постапки за предмети со сума од 1000 до 2000 денари, а по нив и предметите од облигациони односи меѓу граѓаните, меѓу правните лица и останатите чинители во државата, вклучително и државата каде што се јавува како доверител.

Според претседателката на Комората на извршители на Република Северна Македонија, Весна Деловска, бројот на барањата за извршување се зголемил за 10 илјади предмети откако Уставниот суд го укина застарувањето како можност за ненаплата на долговите.

„Како поминува времето, така граѓаните стануваат свесни, знаат што е процесот на извршување и ги нема проблемите од порано.Со гордост би рекла дека граѓаните на нашава држава стануваат финансиски свесни, послушни и совесни во исполнување на своите обврски“, вели Деловска.

Во врска пак со поплаките од граѓаните дека им се наплатува неразумно многу, Деловска појаснува дека сумите за извршните трошоци на извршителите не само што не се високи, бидејќи покрај главниот долг, извршителот наплатува и извршни трошоци за адвокати, нотари, проценители, геодети, катастар, централен регистар и поштенски услуги.

Во вкупните трошоци на извршувањето во најголем дел учествуваат други трошоци, а не наградата на извршителот, што покажуваат и анализите на Дуинг бизнис дека иако 28,8 отсто од целото побарување му припаѓаат на извршувањето, сепак 16,7 отсто не се за извршителите, туку се за адвокатите. Во 2024 година процентот на реализација на извршувањето е 44,15 отстоАнализата на Комората на извршители покажува дека во 2024 годинава примени се вкупно 167 112 барања за извршување. Во оваа извештајна година извршителите завршиле 73 795 предмети, а процентот на реализација изнесува 44,15 отсто. Минатата година извршителите наплатиле 160 637 022 евра од граѓаните, фирмите и другите должници, а вкупно во изминатите 19 години наплатата изнесува 2 083 432 955 евра.