„Рекорд“ ќе се затвори за автомобили

Улицата „Димитрија Чуповски“ во строгиот центар на Скопје, попозната како „Рекорд“, ќе стане шеталиште, а по коловозот ќе може да се движат само автобусите од јавниот превоз. Автомобилскиот сообраќај ќе се пренасочи на улицата „Даме Груев“, од трговскиот центар „Палома Бјанка“ до Собранието на Република Македонија, која треба да биде реконструирана во булевар.

Реализацијата на замислата на Град Скопје во моментов ја спречува зградата на „Макоил“ или поранешна зграда на „Макотекс“ на улица „Македонија“.

Преговорите со сопственикот на зградата „Макотекс“ се во тек, но засега нема конкретен договор за нејзино купување, вели градоначалникот на Скопје Коце Трајановски. Поради ова, вели тој, не се знае кога ќе почне проширувањето на улицата „Даме Груев“, а засега не е познато ниту тоа колку ќе чини целиот проект. 

Според градските власти главната предност на проектот е претворање на центарот на Скопје во пешачка зона, што претставува стремеж на кој во моментов работат и поголемите европски метрополи. Сепак, главната грижа од реализацијата на проектот е решавање на проблемот со паркирање за станарите на Градски ѕид, на кои со проширувањето на „Даме Груев“ ќе им биде одземен сегашниот паркинг. Идејата центарот на Скопје да биде претворен во пешачка зона е стара десетина години.