Реконструкцијата на Универзалната сала никако „да тргне“

Изминатава недела се одржа заедничка средба во градот Скопје помеѓу градоначалничката Данела Арсовска, министерот за локална самоуправаРисто Пенов и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. 

Од Град Скопје информираа дека на средбата било донесен заеднички заклучок дека изградбата на Универзалната Сала во Скопје е од исклучителен интерес за скопјани, но и за цела Македонија.

-Се договоривме дека во следните денови ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните и за истото ќе ни се обрати министерството со писмено барање за што ќе се изјасниме откако ќе го добиеме официјалното барање. Универзалната сала е симбол на Скопје и споменик на културата, и за нејзино возобновување е потребно издржано и заедничко решение кое истовремено ќе биде и безбедно, порачаа од Град Скопје по средбата. 

Во март годинава градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, потенцираше дека Градот Скопје нема да ја допре изградбата на Универзална сала, туку ќе настојува истата да се реконструира согласно сите правила кои што ќе гарантираат безбедност, а потоа и финализација на проектот онака како што граѓаните заслужуваат.

-Универзална сала ќе има и скопјани ќе можат во иднина да се гордеат со објектот кој е синоним за Скопје и за скопјани, но исто така, граѓаните треба да се добро запознаени со целиот процес на реконструкција во изминатиот период, кој за жал не се одвивал според законите и прописите за изградба на еден таков објект, за што сведочат и забелешките од бројни архитекти кои што се запознаени со проектот, истакна тогаш градоначалничката Арсовска во утринската емисија „Здраво Македонијо”.