Реконструкцијата на „Трета македонска бригада“ готова во октомври (ГАЛЕРИЈА)

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на општината Аеродром, Ивица Коневски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, денеска  извршија увид во градежните работи на улицата Трета македонска бригада, којашто се проширува и реконструира на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев.

* Градежните работи за проширување и реконструкција на улицата Трета македонска бригада, втора фаза, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев се одвиваат според предвидената динамика. Според проектот, на делница долга 1.400 метри, улицата Трета македонска бригада ќе добие 4 сообраќајни ленти (по две ленти во секоја насока), зелен појас од 1,5 метри, велосипедска патека покриена со асфалт и широка 2 метра и тротоар покриен со бекатон плочки со ширина од 3 метри. Ќе се изгради и средишна разделна жардиниера со ширина од 5 метри. Со проширувањето, овој булевар ќе добие модерен изглед, ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот, ќе овозможи подобро поврзување со центарот на градот и развој на општината Аеродром, а ќе има позитивно влијание и врз животната средина – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски додаде дека на овој дел од улицата Трета македонска бригада се поставува и нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.250 метри и полипропиленски цевки со профил од 500 и 800 милиметри, како и ново улично осветлување.

* За градежните работи, за дислокацијата на подземните инсталации и за осветлувањето на оваа новопроширена делница Градот Скопје ќе потроши околу 104 милиони денари. На проширување и реконструкција на улицата Трета македонска бригада, втора фаза, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев работат екипите на градежната компанија „Ескаватори ДОО“. Градежните работи се очекува да завршат оваа есен. Сакам да нагласам дека Градот Скопје во 2014 година го прошири и реконструира првиот дел од булеварот Трета македонска бригада, на потегот од булеварот Србија до улицата Фрањо Клуз, на делница долга 1.243 метри. За проширување, реконструкција и уредување на овој дел од улицата Трета македонска бригада - прва фаза – Градот Скопје вложи вкупно 147,2 милиони денари – нагласи градоначалникот Коце Трајановски.