Реконструкцијата на кракот на булеварот „Трета македонска бригада“ кај Метро во завршна фаза

Од Општина Аеродром денеска информираа дека реконструкцијата на кракот на булеварот „Трета македонска бригада“ кај Метро влегла во завршна фаза.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид во градежните активности што се одвиваат на терен на овој значаен сообраќаен потег во Аеродром, кој за првпат добива целосна и темелна реконструкција. 

„Со проектот обновуваме делница во должина од 777 метри, со поставување на околу 6.000 метри квадратни нов асфалт, како и нови тротоари на површина од 1.500 метри квадратни. Особено е важно што за првпат овде поставуваме и улично осветлување, со што значително ќе се подобрат безбедноста, видливоста и условите за сообраќај. Ова е многу фреквентна делница што секојдневно ја користат и граѓаните и компаниите што функционираат во овој дел од Аеродром“, посочија од Општина Аеродром.

Вредноста на инвестицијата изнесува 17.908.000 денари.

„Овој проект е дел од поширокиот циклус за реконструкција на улици во Општина Аеродром, во вкупна должина од 5,4 километри и вредност од 138 милиони денари, средства обезбедени од македонската Влада преку Министерството за транспорт и врски. Продолжуваме посветено да инвестираме во модерна, безбедна и функционална инфраструктура за сите граѓани“, порачаа од Општината.