Реконструкцијата и доградбата на новиот Стационар за бездомни животни Лајка е во завршна фаза

Со овој зафат се прави целосна реконструкција на двата објекти, со демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи, реконструкција на кровот, поставување на изолација и фасада која воопшто ја немало досега. Со реконструкцијата и проширувањето на стационарот во Вардариште, покрај подобрувањето на условите, дуплиран е и капацитетот завдомување на улични кучиња.

Во новиот објект има ветеринарна амбуланта, како и административен дел за кадарот да може во достоинствени услови да одговори на своите работни задачи. Околината околу објектот се расчистува и тука е предвиден парк за кучиња, терени за ресоцијализација на трауматизирани кучиња како и нов пристапен пат.