Реконструкција на Владата - кои се промените и кои се новите министри?

По синоќешниот состанок на Извршниот Комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата и премиер, Христијан Мицкоски ја сподели распределбата на министерските ресори по реконструкцијата на Владата.

Според информациите поврзани со имињата на новите министри, Сашо Клековски од Фондот за здравство заминува во Министерството за здравство на местото на Азир Алиу, а на негово место за нов директор ќе биде назначен Златко Перински.

Местото министер за локална самоуправа треба да го пополни Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите кој ќе си замине од позицијата вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Местото на Стоиљковиќ треба да го пополни Агон Ферати од Вреди, а оваа партија ќе го добие и министерското место на Зоран Љутков, кое според одредени информации во медиумите ќе го пополни досегашниот заменик Седат Сулејмани.

Вреди исто така, го добива и Министерството за правда, каде Јетон Шасивари ќе седне на местото на Игор Филков од ЗНАМ.

Нов министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе предложи партијата ЗНАМ. Од партијата информираа дека за оваа позиција ќе биде предложен актуелниот државен секретар во Министерството, Борче Серафимовски.

Фатмир Лимани заминува од социјала, демографија и млади, а на негово место седнува досегашниот заменик Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, ќе биде Ерџан Демир, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Од останатите промени, се укинува позицијата „вицепремиер за добро владеење“, каде што беше Арбен Фетаи кој по неколкумесечно недоаѓање на работа поднесе оставка. За добро владеење ќе биде задолжен секретар од кабинетот на премиерот.