Реконструирана детската градинка „Мајски цвет“

Во детската градинка „Мајски цвет“ во урбаната заедница „Владо Тасевски“ целосно е заменет покривот, а старите азбестни табли се заменети со нова кровна површина. Овие реконструкции и санации се извршени со цел подобри услови за престој и грижа на најмладите. Како што соопштува Општина Карпош, заменет е и подот во градинката, а со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, целосно се променети надворешните прозорци и врати за подобра енергетската ефикасност на установата, а заштедата на сметките за топлинска енергија ќе биде до 30 отсто. Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, денеска најави дека локалната самоуправа се фокусира на реконструкција и на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1, на улицата „Варшавска“.

– Овој објект повеќе години е во лоша состојба, но на пролет, ќе започнеме со реконструкција на тоалетите, а потоа ќе следи и промена на надворешната столарија и обнова на фасадата. За овие активности, Општината предвиде буџетски средства од пет милиони денари, рече Богоев. Управата на градинката вложи средства и за обнова на тоалетите и набавка на нов мебел, креветчиња, шкафови и клупи.