Реконструиран покривот на ООУ „Ристо Крле“ во Кадино, општина Илинден

Во Општинското основно училиште „Ристо Крле“ заврши реконструкцијата на кровната површина на централното училиште во Кадино.

Во рамки на проектот извршена е целосна замена на постоечката кровна површина на централното училиште. Отстранети се старите салонитни табли кои содржеа азбестни компоненти, отстранети се хоризонталните и вертикалните олуци, поставен е кровен покривач од пластифициран валовит лим. Воедно поставени се хоризонтални и вертикални олуци, опшивки кај вентилациони канали, како и снегобрани.

Денес градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски го посети училиштето заедно со директорот Јовче Петковски.

Реконструкцијата на кровната површина се одвиваше во неколку фази, пришто сега целосно е комплетиран проектот. Со оваа замена на кровната конструкција опфатена е површина од околу 1600м2 на објектот каде е обезбедена хидротермичка изолација, со тоа се спречува протекување и оштетување на внатрешните простории во оваа образовна институција.

ООУ „Ристо Крле“ е изградено пред 44 години, за прв пат се врши замена на кровната површина, а заедно со подрачните објекти во населените места Мралино и Бунарџик учат вкупно 320 ученици.