Регулиран нервен систем не значи да бидеме смирени цело време

Во последните години изразот „регулација на нервниот систем“ стана дел од секојдневниот речник, особено на социјалните мрежи.

Photo by Marcos Paulo Prado on Unsplash

Често се создава впечаток дека регулиран човек е оној кој е постојано смирен, не се вознемирува лесно и успева да остане во пријатна состојба без оглед на тоа што му се случува. Физиологијата, сепак, дава малку поинаква слика. Човечкиот организам не е создаден за постојано да биде во една иста состојба, туку постојано се приспособува на промените во околината.

Во науката за стресот постои концептот алостаза, кој се однесува на способноста на организмот да ја одржува стабилноста преку промена. Кога ќе се појави закана или предизвик, се активираат нервни, хормонални и други физиолошки механизми кои му помагаат на телото да реагира. Кога стресорот ќе помине, овие системи треба повторно да се намалат. Според истражувањата на невроендокринологот Брус Мекјуен, проблемот не е во самата стресна реакција, туку во честата или продолжена активација и во ситуациите кога организмот тешко се враќа од неа. 

Тоа значи дека регулацијата не е отсуство на реакција. Кога ќе добиеме лоша вест, ќе се исплашиме, ќе се налутиме или ќе изгубиме некого, сосема е нормално организмот да реагира. Срцевиот ритам може да се забрза, мускулите да се затегнат, вниманието да се насочи кон она што го доживуваме како закана, а хормоналните системи поврзани со стресот да се активираат. Овие реакции сами по себе не се знак дека нервниот систем „не е регулиран“. Тие се дел од начинот на кој телото се приспособува.

Она што станува важно е што се случува потоа. Дали организмот постепено успева да се врати кон својата вообичаена состојба или останува долго време во состојба на висока физиолошка активираност? Истражувањата на стресот ја разгледуваат токму оваа динамика на реакција и опоравување. Хроничниот психолошки стрес може да влијае врз автономниот нервен систем, хормоналните механизми, имунолошкиот систем и метаболизмот, а долготрајното оптоварување на овие системи се опишува преку концептот алостатски товар. 

Еден од показателите што научниците го користат во истражувањата на автономниот нервен систем е варијабилноста на срцевиот ритам, односно HRV. Тоа не е едноставен резултат кој кажува дали некој човек е „регулиран“ или „нерегулиран“, како што понекогаш се претставува на интернет. HRV ја опишува варијацијата во интервалите меѓу последователните отчукувања на срцето и може да даде информации за функционирањето на автономната регулација. Истражувањата ја поврзуваат со процесите на регулирање на емоциите, но нејзиното толкување зависи од контекстот и од начинот на мерење. 

Затоа и идејата дека целта на „регулацијата“ е постојано да бидеме мирни е проблематична. Човек кој никогаш не чувствува страв, лутина, тага или возбуда не би бил пример за совршено регулиран нервен систем. Емоциите имаат функции и претставуваат дел од начинот на кој мозокот и телото реагираат на она што ни се случува. Важна е способноста организмот да ја промени својата состојба кога околностите го бараат и повторно да се приспособи кога ситуацијата ќе се промени.

И тука има уште една важна разлика. Регулација не значи дека човекот секогаш треба сам да се смирува.Човечкиот нервен систем функционира во постојана интеракција со околината, а социјалните односи се поврзани со здравјето. Во голема мета-анализа која опфатила 148 студии и 308.849 учесници, истражувачите пронашле значајна поврзаност меѓу посилните социјални односи и поголема веројатност за преживување. Тоа не значи дека секој социјален контакт автоматски го намалува стресот, но покажува дека човековото функционирање не може целосно да се одвои од неговата социјална средина. 

Затоа, кога следниот пат ќе почувствувате силна тага, нервоза или лутина, тоа само по себе не значи дека сте „излезени од регулација“. Понекогаш реакцијата е соодветен одговор на реална ситуација. Она што е поважно е дали со текот на времето имате можност да се опоравите, да ја промените реакцијата кога околностите ќе се променат и повторно да функционирате без организмот постојано да биде под висок напор.