Од почетокот на годината, заклучно со петок, 1 март, вкупно 120 случаи на голема кашлица се регистрирани на територија на Скопје, изјави денеска за МИА доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје.
Комисијата за заразни болести ќе има состанок утре од 12 часот, ќе се расправа за состојбите во државата, а меѓу темите се и големата кашлица и грипот. Информацијата за МИА ја потврди портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.
Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје за големата кашлица, се наведува дека согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот, во периодот од 18 јануари досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензна проверка на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.
Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски изјави дека при контролите за вакцинација во градинките, поради епидемијата со голема кашлица, не се констатирани прекршоци.
“ Ги зголемивме, како што и ветив и пред една недела, контролите, инспекторите се на терен. Имаме записници добиено по основ на самите инспекциски надзори. Досега не се констатирани прекршувања, односно во самите решенија коишто се доставени од инспекторите нема прекршување на делот каде што градинките не го почитуваат законскиот момент за прием на деца кои немаат вакцинални картони“, односно се здрави.
На 15 февруари, министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири беше прашан за неговиот став за состојбата со пертусисот.Според него, не би требало да се вратат во градинка, децата кои се невакцинирани.
“Прво треба да се вакцинираат, па после да се вратат. Мислам дека тоа беше еден од критериумите и препорака од Комисијата за заразни болести. Сите деца кои се вакцинирани треба да одат во градинка. Тие кои не се вакцинирани, треба да ги прашате нивните родители како ќе го организираат чувањето на детето“, одговори Демири на новинарско прашање