Еден од најпознатите македонски драмски писатели почина на 66 година во Велика Британија. Регионалните медиуми пишуваат за заминувањето на големиот Горан Стефановски.
Големиот македонски драмски писател, ценет и изведуван во Европа и светот, изненадно починал вчера. Стефановски требало да биде гостин на Саемот за книга во Пула кој почнува денес, пишува српскиот магазин Блиц.
Хрватскиот T – портал пишува дека Горан Стефановски е еден од најпознатите и најплодни македонски автор кој има напишано преку 30 драми, помеѓу кои најпознати се „Диво Месо“, „Тетовирани души“ и „Лет во место“.
Специјализираниот портал за музика Музика.хр пренесува дека музичката јавност го знае како автор на песните на „Леб и сол“ и како брат на големиот музичар Влатко Стефановски.
Босанската ТВ1 во својата објава вели дека Горан и Влатко Стефановски припаѓаат на првата македонска културна генерација формирана во социјалните услови на еманципираната нација, генерација која со солидно богатство на институционални и креативни акции од херојскиот период на модернизација е многу успешна во надминување на поетските и другите граници.
Регионалниот xxzmagazin веста за смртта на Горан Стефановски ја наслови како „Заминување на големиот писател“ и пренесе дека неговите текстови се преведени на 17 јазици и се изведени во голем број земји од светот.
Македонските медиуми вчера информираа дека По негова желба, телото на Горан Стефановски ќе биде кремирано и пепелта ќе биде расфрлана во Охридското Езеро.