Регионална премиера на „Македонисимо“ на Симон Трпчески на „Коларац“ во Белград

Импресивниот прием на проектот „Македонисимо“ ширум светот се потврди и на регионалната премиера на престижната сцена на „Коларац“ во Белград, во рамките на циклусот „Рефлексии на Бемус“.

Како што најавија домаќините, „Еден од најбараните светски уметници на својата генерација, македонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески го претстави својот нов емотивен проект“ инспириран од „македонската народна музика која го ужива почитувањето на етномузиколозите и публиката ширум светот“.

На еуфоричниот прием и овациите од белградската публика, Трпчески и пријателите Александар Краповски на виолина, Александар Сомов од Бугарија на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал и Влатко Нушев зад удиралките, по изведбата на препознатливите македонски ритми аранжерски облагородени од нашиот композитор Панде Шахов, низ кои провејуваат Буфчанско, Малешевка, Црногорка, Беранче, Велигденско, Пелистерско, Поступано, но и Филка мома, Чие е она девојче,… возвратија и со специјалниот бис од преработка на две српски ора.

Многу му се радувам на овој концерт во Белград и ми е многу мило како помина. Центарот на белградските фестивали не’ покани да го претставиме нашиот проект и за нас беше предизвик пред белградската и српската публика кои многу пати до сега покажале дека ја познаваат и сакаат македонската музика, да го изведеме Македонисимо. Драго ми е што и ние и публиката имавме една вистинска предновогодишна концертна забава – изјави Трпчески за Македонското радио.

80-минутниот проект „Македонисимо“ минатиот месец со голем успех беше изведен повторно низ Велика Британија (Ливерпул и Бирмингем), а веќе привршува и прецизирањето на термините за наредниот период (регионот, Скандинавија, Велика Британија, САД и Азија).