
Од скопското астрономско друштво објавија неверојатна фотографија од залезот на Сонцето од врвот на Водно.
Автор на истата е Боби Кузманоски.
Како што вели тој, гледано од една точка, сонцето точно двапати годишно заоѓа на врвот на Водно, позади крстот.
- Од местото каде што живеам, денес беше еден од тие два дена. Се качив на кровот за да го проследам и фотографирам залезот. Најпрво сонцето требаше да помине зад објектот на АЕК, а потоа постепено да се спушти пониско, точно зад крстот. Мал предизвик беа облаците што се движеа околу врвот на Водно и постоеше реална можност да не успеам да ја направам фотографијата денес и да треба да чекам до есен за истата сцена, појаснува фотографот.
- Идејата беше да направам фотографии од двата објекти во силуета, со сонцето поставено зад нив. Бидејќи без соодветен филтер не е можно директно да се гледа во сонцето, чекањето ми се чинеше уште подолго и понеизвесно. Од страв да не го пропуштам вистинскиот момент, а имав филтер на апаратот, започнав да фотографирам и помеѓу двете клучни позиции, обидувајќи се да го следам неговото бавно спуштање кон хоризонтот. На една од тие фотографии, на половина пат меѓу двете посакувани сцени, пред сонцето поминал авион. Самиот авион не се гледа, но зад него останала трага од моторите што поминуваат преку сончевиот диск, споделува Кузмановски.
- Неколку моменти подоцна ја направив и финалната фотографија, само секунди пред облаците целосно да го покријат Сонцето. Од двете идејни фотографии, заедно со онаа на која се појавува трагата од авионот, на крај создадов композитна финална фотографија во која се обединети сите елементи. Така во една слика се споија двата моменти на порамнување и краткиот премин на авионот, создавајќи целосна приказна за тој редок и краткотраен залез, вели тој за оваа оригинална фотографија.