Речиси 25.000 граѓани досега се пријавиле за вакцинација против сезонски грип, покажуваат податоците од електронскиот систем „Мој термин“.

Вакцинацијата се очекува да започне во периодот од 16 до 25 октомври, информираат од Министерството за здравство.
За оваа сезона се обезбедени првите 30.000 дози вакцини од јужнокорејската компанија „ГЦ Биофарма“. Станува збор за тривалентна вакцина наменета за заштита од три типа на вирусот на грип.
Според Министерството, вакцината ги исполнува пропишаните критериуми за квалитет и има соодветна документација за контрола на квалитетот. Првата пратка е обезбедена преку меѓународна соработка со УНИЦЕФ и Албанија.
Дополнителни 26.000 дози од францускиот производител „Санофи“ се очекува да пристигнат до 15 ноември. Во тек се и разговори за обезбедување уште 24.000 дози, со што вкупниот број вакцини за сезоната би достигнал 80.000.
Приоритет при вакцинацијата ќе имаат ризичните групи, а точните категории ќе ги утврди Комисијата за имунизација. Меѓу групите за кои е предвидена бесплатна вакцинација се лицата над 65 години, лицата со хронични заболувања, здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од шест месеци до пет години.
Заинтересираните граѓани можат да се пријават преку vakcinacija.mk. По регистрацијата, терминот за вакцинација се добива преку СМС-порака, согласно распоредот и избраниот пункт.
Вакцинацијата против сезонски грип е особено важна за лицата со зголемен ризик од компликации. Таа не гарантира целосна заштита од инфекција, но може да го намали ризикот од тешка клиничка слика и сериозни последици од заболувањето.