Речиси 1.000 нови жртви на семејно насилство во 2018 година

Согласно статистиката на Министерството за труд и социјална работа во 2018 година вкупниот број на новоевидентирани жртви на семејно насилство изнесува 919 лица од кои 665 се жени, 140 мажи и 104 се деца.

Вицепремиерката и  министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска посетија еден од шелтер центрите во кои се засолнети жртви на семејно насилство. Министерката Шекеринска во шелтер центарот разговараше со припадничка на АРМ, жртва на семејно насилство, која е сместена таму со своите деца, и го пренесе апелот да прекине молкот за овие случаи.

„Денеска сакам јас да ја испратам пораката до сите граѓани на нашата земја, но и на сите вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија: семејното насилство не им се случува само на други. Тоа е околу нас, ги допира луѓето со кои што соработуваме, со кои што живееме, со кои што се дружиме и не смееме да останеме неми“, рече министерката Шекеринска.

Таа додаде дека во Министерството за одбрана и во Армијата ќе бидат формирани тимови и ќе бидат отворени телефонски линии за пријавување на семејното насилство.

Министерката Царовска ги повика жртвите да го пријавуваат насилството и да бараат заштита од државата.

„Секој човек, секоја жена треба да се чуствува безбедно во својот дом и средината во која живее. Ова е основно право и сигурност која ние како држава мора да ја гарантираме. За да ја реализираме оваа цел, мора да работиме сите заедно и да воспоставиме ефикасни механизми, но и тесна соработка со невладиниот сектор и сите засегнати страни. Паралелно, Истанбулската конвенција ни дава рамка за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но исто така и превенција, подигнување на јавната свест како и воспоставување на институционални механизми за заштита на жртвите на родово базираното насилство и нивна повторна интеграција во општеството“, изјави Царовска.

Во моментот функционираат 4 регионални центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а дејноста  на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе е проширена и со жртви на сексуално насилство, каде што згрижувањето трае до 6 месеци. МТСП инвестира и во објект во кој ќе биде сместен Центар за советување на жртви на насилство во Општина Куманово. Исто така, во состав на здравствени установи во Куманово, Тетово и Скопје, отворени се и 3 Центри за жртви на сексуално насилство.