Речениците на нашите мајки со кои ни докажале дека тие се секогаш во право

„Додека си под мој покрив“ и останатите фрази за вежбање авторитет, ни се чинеа многу иритантни. Како растевме ги мразевме сите совети и критики на нашите родители, а мајките - емотивни, чувствителни и загрижени, секогаш беа први на удар.

Нивните совети се чинеа толку бесмислени, па затоа повеќе пати сме заработиле настинка поради босите нозе и голиот стомак. И не само тоа, на многу од нас ни се крши срцето денес,  само затоа што не верувавме во мајчината проценка која во поголемиот број случаи излегла најголема вистина.

Во продолжение прочитајте уште примери со кои нашите мајки толку многу не „живцирале“, а денес сме свесни дека биле во право.

Таа не ти е вистинска пријателка

Во оние чувствителните години од младоста пријателствата ни се најважни. Родителите, но општо и семејството, секогаш се тука за нас, нивната љубов се подразбира, а безусловната грижа и желбата да ни пружат сѐ што е во нивна моќ, се зема здраво за готово.

Околу пријателите мораме секогаш да се трудиме, а често мораме и да се жртвуваме. Во желбата за популарност и широк круг на пријатели знаеме да западнеме во сомнително друштво, а мајките, како детектор, тоа секогаш први го забележуваат. Кога ќе слушневме дека некоја пријателка не ни е вистинска пријателка – ќе избиела караница, за на крај сепак да се дојде до заклучок дека мама непогрешливо била во право.

Мора да стекнеш работни навики

Несредената соба секогаш била повод за овој типичен заклучок кој толку многу ни одел на нерви. Моја соба, моја слобода – бил тогашниот начин на размислување. Сепак, сега сме свесни дека би постапиле баш исто како и нашите мајки, а дека создавањето работни навики од најраните детски денови е за пофалба.

Ти го кажувам тоа затоа што те сакам

Во многу ситуации мајките ни кажале нешто што не сме сакале да го слушнеме. На пример, фустанот некогаш бил прекраток за излегување, а деколтето предлабоко. Во тој момент мајките сме ги доживувале како најголеми непријателки, а денес би постапиле исто како нив.

Ако ти е досадно, фати се за работа

Дали и вие сте негодувале, кога во тинејџерските години сте се нашле во ситуација да немате што да правите? Тоа обично значело дека ниту еден ваш пријател не е слободен во моментот, а тој огромен животен проблем секогаш сме го споделувале со нашите родители. Мајките тогаш ќе предложеле некоја конкретна работа, а ние секако ќе сме се налутеле.

Не ме интересираат другите деца!

Кога ќе сме добиеле лоша одценка, скоро секогаш ќе сме се споредувале со лошиот успех на нашите другари/ки. Тогаш нашите родители ќе ни кажеле дека не ги интересираат другите деца, а нас тоа толку многу ни одело на нерви.

Ти биди попаметна!

Уште една збунувачка фраза која секоја мајка ја кажува кога сака да ве одврати од некоја лоша намера. Во тој момент ни се чинело како другата личност да победила, а денес знаеме дека паметниот попушта.

Кога ќе имаш свои деца...

Ова е една од најточните фрази на светот. Едноставно не знаеме како им е на луѓето додека не влеземе во нивните чевли.