Реченица со која сите пораснавме: „Во мое време ова го немаше...“

Реченица со која сите пораснавме. Барем луѓето кои јас ги знам. Или да бидам поконкретна – не знам никој кој барем еднаш не ја чул оваа реченица, особено од својот татко. Мојата мајка никогаш ја немаше изговорено оваа реченица. А живеела во истото тоа време. Дури нема климнато со глава дека се сложува со таа реченица.

Како и да е, оваа реченица ја кажуваат родителите, во желбата да докажат дека во нивно време немало вакви ужасни работи, а ужасните работи се работите за кои тие мислат дека се ужасни, а не ние.

Кога бев малечка, мислев дека навистина тоа било некое подобро време, повредно, постабилно. Но, како што растев, запознавав луѓе кои исто така биле млади во тоа време и кои ми ги раскажувале своите приказни. Од тоа време. Охооо, какви приказни се изнаслушав само да знаете.

„Во мое време немаше дрога“ – рекоа и останаа живи. Ок, можеби немало друга во двете улици лево и десно од твојата, но верувај ми дека имало дрога во 70-те и 80-те години од минатиот век. Тоа што ти никогаш не си видел или пробал, не значи дека немало.

„Во мое време немаше разврат“, на што јас само додавам „да, не бил јавен“. Ова убедливо е реченицата која највеќе ме нервира. Ако никогаш немало разврат како тоа знам луѓе од тој период кои никогаш не си ги запознале татковците и како знам толку многу кои се самоубиле под неразјаснети околности? И во тоа време имало чудни старци кои седеле по школски дворови и од кои девојчињата бегале како од чума.

„Во мое време се знаеше што е морал“. Да, да, сигурно. Затоа и се случувале толку многу чудни работи. Морал имало, кога ќе излезеш на улица и мораш да се преправаш како е се супер. Да не збориме што во тоа време луѓето обожавале да се преправаат дека некои работи едноставно не постојат.

„Во мое време се знаеше што е ред, се знаеше дека нема секс пред брак“. А сите знаеме дека во секое село имало бабица која нелегално правела абортуси, а тоа се затоа што луѓето не смееле да дознаат дека девојката имала секс пред брак, но и од еден куп други причини.

„Во мое време се излегуваше до 9“. Да, да сигурно. А сите тие приказни со заглавување по кафани до 5 наутро?

„Во мое време немаше насилство во семејството и толку разводи ко денес.“ Охоо, не да имало, но сите молчеле и трпеле, затоа што немале друг избор – не работеле, а не дај Боже да си отиде од дома, веднаш ќе и залепат етикета дека е распуштеница, па ќе ја обвинуваат дека ги раздвојува децата од таткото, а тоа е нели срамота. Денес е многу полесно, барем од тој аспект. Затоа што животот тече, меле, проаѓа и си оди. И немаме многу време, а ни волја да се занимаваме со тоа зошто комшиката Мара се развела од Миле, итн.

„Ова денес што се прави, па тоа не е нормално.“ Па ако не е нормално, немој да имаш Фејсбук, немој секој ден да се слушаш со сестра ти во Америка, не патувај, не купувај преку интернет. Затоа што тоа нели сѐ не е нормално.

Биле експерти за заташкување работи, за тоа им симнувам капа. Истовремено ги жалам сите тие скриени ужасни случаи, луѓе кои не добиле потребна поддршка и кои живееле таков живот. Секако дека сите ние го земаме она што ни одговара од времето во кое живееме, но ајде да не плукаме по кое било доба, затоа што секое време си носи и убави и лоши работи.

Ве молам да се создаде посебен круг во пеколот за луѓе кои мислат дека порано било подобро од денес. Тргнете ми ја таа приказна од пред очи. Едноставно – не проаѓа!