Рецептот за пица му донесе кривична пријава на поранешниот директор на ФИТР, Коста Петров

Поднесени се две кривични пријави против двајцата поранешни директори на ФИТР, Фестим Халили и Коста Петров, за злоупотреба на службена положба и овозможување незаконски исплати на грантови. 

Пријавите се поднесени за три спорни проекти што ги има финансирано ФИТР: „Грин Хојо“, „Фротирка АД Делчево“ и „Тајната на Римјаните - Pinsa Romana“, при што финансиската штета надминува 23 милиони денари.

Постои основано сомневање дека Фондот е оштетен за 4.000.000 денари, затоа што е сторена „злоупотреба на службена положба“ од страна на поранешно ракoводно лице, директорот Фестим Халили. Корисникот иако не ги испочитувал обврските од договорот и правилникот, директорот Халили не го раскинал договорот, а исплатите се етапно завршени. За корисникот Хојо Тек и одговорното лице Дашмир Истрефи има сомневање за сторено казнено дело „измама“.

Од ревизијата на работата на ФИТР, произлезе уште една кривична пријава, исто така против поранешен директор на Фондот, Коста Петров. Во овој случај се работи за проект на Фротирка АД Делчево финансиран од ФИТР, незавршен проект, исплатен, а без никаква соодветна реакција од раководното лице, во случајов, Коста Петров.

Поднесена е кривична пријава и за познатиот случај со рецептот за пица – Тајна на Римјаните Pinsa Romana.

Договорот бил потпишан на 28 декември 2021 година преку инструментот за поддршка-кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва стартап и спиноф, со права и обврски за двете договорни страни. Се работи за финансиран проект од Фондот за иновации за рецепт за пица стар 2.000 години.

Проектот ја поминал фазата на претселекција, потоа и на финална селекција и истиот бил одобрен за финансирање.

„И тука се работи за наводно поднесени фактури за неподобни трошоци за покривање на грантот. Корисникот извршил поврат на неподобен трошок за ДДВ во износ од 140.400 денари и доставил извод од наменската сметка. Корисникот повеќе потрошените средства од буџетската потставка „Фурна за печење-капацитет 10.000“ во износ од 280.000 денари ги покрива со буџетираните средства од втор квартал.

И тука се доцнело со договорените квартални извештаи и завршниот извештај. Во конечниот извештај ревизорите утврдиле дека корисникот остварената заштеда ја пренел за покривање на потставката „Спирален миксер за хомогенизација на тесто од 80кг“ во износ од 50.000 денари и потставката „Брендирање и дизајн-подготовка“ во износ од 50.000 денари. Корисникот во текот на проектот извршил плаќања од основната сметка надвор од времетраењето на проектот во износ од 295.000 денари за што добил одобрување од страна на Комитетот за одобрување на инвестициите“, се вели во соопштението.

Во овој случај не е реализирана и обврската за годишни извештаи во наредните три години по завршување на проектот.