РЕЦЕПТ НА ДЕНОТ: Солени и благи мафини

Вкусовите на мафините може да бидат различни во зависност од состојките од кои ќе се направат: од чоколадо, боровинки, бадеми, моркови, костени, портокал, јагоди, банани, малини, цимет, лимон, јаболки, краставички, тиква, разни видови сирења. Исто така може да се комбинираат и видовите брашно од кои ќе се направат мафините: од пченица, пченка, ’рж, овес, костен.

Засукајте ги ракавите и подгответе некоја од предложените рецепти. Изненадете ги вашите блиски, поканете ги заедно да ги вкусите подготвените мафини. Идеален начин за дружба во ладните зимски денови.

Солени мафини

Потребни состојки:

  • 3 јајца
  • 3 дл јогурт
  • 0,5 дл масло
  • 80 г крем-сир
  • 200 г бело брашно
  • 100 г пченкарно брашно
  • 1 прашок за пециво
  • 100 г шунка, печеница (по избор)
  • 60 г кашкавал
  • 1 помала црвена пиперка
  • 1 лажица сол
  • малку оригано и босилек

Начин на подготовка: Во една чинија помешајте ги двата видови брашно со прашокот за пециво. Во друга чинија, со жица за матење изматете ги јајцата, потоа додајте ги јогуртот, маслото и крем-сирот и сето тоа измешајте го. Исецкајте ги ситно кашкавалот, печеницата и пиперката. Во чинијата со јајцата додадете го брашното и сето тоа измешајте го додека да се соедини. Потоа додадете ги исецканата печеница, кашкавалот, пиперката и зачините. Калапите за мафини намачкајте ги со масло, па потоа проросете малку брашно и додајте ја смесата за печење. Ставете ги мафините да се печат во загреана рерна на 180 степени, 30 минути, додека не добијат златна боја.

Чоколадни мафини

Потребни состојки:

  • 200 г брашно
  • 2 лажици прашок за пециво
  • 2 лажици какао во прав
  • 150 г шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • 125 г путер
  • 2 јајца
  • 1 дл млеко

Начин на подготовка: Загрејте ја рерната на 180 степени. Во една чинија ставете ги брашното, прашокот за пециво и какаото и промешајте ги. Потоа додадете ги сите останати состојки и со миксер матете, прво на слабо, да се промешаат состојките, а потоа ставете го миксерот на најсилна брзина и матете така 2 минути. Готовата смеса истурете ја во претходно подмачкани калапи и ставете ги да се печат. Печете на температура од 180 степени, 25 минути. Готовите мафини можете да ги декорирате со шлаг, слатка павлака, чоколаден прелив и шеќер во прав.