Ребека Јанковска Ристески, пејачката кој знаеме по хитовите „Нешто убаво“, „Едно“, „Ми треба само љубов“ можеби е на дистанца од јавната музичка сцена, но и натаму пее! Најчесто на синовите Маркијан, Макариј и Доротеј...
Освен тоа, Ребека секогаш е гласна за голем број општествени теми во име на правдата!
За музиката, мајчинството, татковината, за Скопје, искрено и одблиску со Ребека!
Како сте, каде и како го минувате летово?
Летово го поминувам со семејството и пријателите. Реализиравме многу патувања низ Македонија и откривме многу нови, но уникатни места, патеки, селца... Бевме на одмор во јуни, во Црна Гора. Постојано сме во движење и прошетки и низ Скопје. Време за релаксација речиси и да немам воопшто. Најголемиот дел од времето заради Маркијан треба и мора да сме во движење. Движење и прошетки! Тоа вака интересно и забавно звучи, нели?! Но, убаво би било да има асистент кој ќе го дружи Маркијан зашто тој нема буквално ниту еден другар.
Неодамна бевте говорничка на еден од протестите во Скопје против „францускиот предлог“, поточно за зачувување на нашиот македонски јазик. Зошто се одлучивте на ваков чекор?
На протестите не бев само за зачувивање на македонскиот јазик! Бев за зачувување на иднината на Македонија, за иднината на моите, нашите деца, за зачувување на идентитетот, јазикот, историјата и достоинството на сите Македонци. Невообичаено ми е Вашето прашање!? Зошто се одлучив на ваков чекор? Секој од нас треба да се одлучи за ваков чекор. А, што треба да правам? Да ја пикнам главата во земја како ној?! Да молчам пред неправдите и асимилаторската политика на Бугарија, ЕУ и неспособноста на нашите политичари. Од секогаш сум се борела за човековите права.
Сметате ли дека јавните личности доволно гласно говорат за важни општествени теми? Дали и тие треба да бидат вклучени на некој начин во кревањето на јавната свест за некои важни прашања?
Не можам да генерализирам и да дадам оценка за сите јавни личности. Имаше прекрасни гестови, говори од неколкумина. Но, да, ако ме прашувате за одредени популарни јавни личности кои постојано молчат. Има некои кои си зборуваат само за својот микро свет и нивната кариера. Нив не ги допира ништо кога е во прашање љубовта кон татковината. Но, не е мое да судам. Можам само да ги игнорирам и да не ги почитувам. Овде од поодамна живееме во неколку парарелни светови, а рамнодушноста е како пандемија за која се чини нема лек.
Живеете во Скопје! Што ви пречи, а зошто го сакате? Што би промениле Вие во главниот град?
Скопје го сакам поради луѓето кои оставаат печат во овој град со своите гестови, модни детали, градби, насмевки, урбани ликови, пазарите, Дебар Маало, зајдисонцето кога возам ролерки по кејот на Вардар, Партизанска и крошните на дрвјата под кои се шетам со децата, поради јапонските црешни и липите, поради погледот од мојата тераса, поради Водно, лавиринтот во парк, плоштадот, Старата Чаршија со ќебапите и бурекот, црквите, турското кафе и баклавите и поради сите спомени од ноќните клубови и кафулиња. Би сакала да има почист воздух, кучињата скитници да бидат згрижени, ѓубрето да си го собираат граѓаните и да се почитуваат сообраќајните правила. Да има пристап за лицата со попреченост во јавните институции и тротоарите, да има забавен парк (Луна паркот ми недостасува), да има коњички клуб во Градскиот Парк, да има барем уште два затворени базени, да има дневни центри за лицата со попреченост во секоја општина и регионален центар за рана дијагностика, терапија и едукација за лицата со попреченост, современ и пристапен Клинички центар, автомати за рециклирање на отпад, канти за селектирање на отпадот и различни камиони за собирање на истиот, канти за собирање на изметот на домашните миленици. Ми недостасува и саемот. Би сакала да има и лизгалиште за возење на ролерки и ролшули. Недостига и простор за младите луѓе, студентски град и место каде што ќе можат да пробуваат, свират млади музички бендови.
Се дистанциравте од музичката кариера. Дали можеби во скоро време ќе и се вратите активно на музиката?
Мене државата, системот ме дистанцира од музиката. Тоа не беше моја желба. Да имаше услови, еднакви можности според потребите за Маркијан како и за другите деца паузата во мојата музичка кариера ќе беше помала. Родителите на лицата со попреченост често се попречени да работат. Како помнатаму зависи од одлуките на нашите градоначалници и владини претставници. Кои од македонските изведувачи во моментов ги слушате? Што ви пречи на музичката сцена во моментов? Има многу изведувачи кои сакам да ги слушам. Нема да издвојам никого посебно за да некого не испуштам. Често пати и споделувам македонска музика на фб.
И несомнено, позната сте како посветена мајка. Што ви е најубаво да правите заедно со синовите? Кој е можеби главниот совет до сите родители во ова турбулентно време?
Како и повеќето родители и јас се трудам да дадам се од себе кога се во прашање децата. Со моите љубовчиња пеам, играм, им читам приказни, им раскажувам, ги забавувам со претстави, готвам... Ги учам како да бидат благодарни, како да бидат учтиви, да ја сакаат Македонија, да ја почитуваат верата наша, секогаш да се борат за своите права, да го ставаат семејството на прво место, да ја слушаат наставничката, да бидат вредни, да не ги употребуваат воопшто зборовите МЕ МРЗИ, да не поминуваат повеќе од 6 часа неделно на таблет и да, секој ден им кажувам колку многу ги сакам и дека љубовта е најголемата сила. Кажувајте им секој ден на децата колку ги сакате, поминувајте повеќе време со нив во разговори!