РЕБАЛАНС НА БУЏЕТ: Градот планира да потроши пет милиони евра помалку во 2018

Советот на Град Скопје на денешната 18-та седница ќе расправа за поголем број на одлуки, извештаи и програми за работата на јавните претпријатија.

На денешната седница Советот ќе одлучува за Предлог за изменување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година со кој е предвидена рационализација на трошењето на буџетските средства. Во таа насока Буџетот на Градот за 2018 година ќе биде намален вкупно за 346 милиони денари.

На денешната седница Советот ќе расправа и за дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година, каде се воведува нов член со кој се предвидува во случај на смрт на пожарникар, кој ќе го загуби животот при вршењето или во врска со вршењето на работата, на неговото семејство му се доделува еднократен надоместок во висина на вкупниот износ од остварените плати во последните 12 месеци.

Покрај ребалансот на буџетот на Град Скопје за 2018 година, на денешната седница Советот ќе расправа за Одлуката за давање согласност за изменување и дополнување на Инвестициона програма на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје за 2018 година. Со оваа одлука се предвидува набавка на две специјални возила за собирање и транспортирање комунален смет и странично подигнување  канти со смет, со капацитет од 2200 и 3200 литри. За набавката на овие две возила се зголемува оваа ставка во Инвестициона програма на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје за 2018 година за 24 милиони денари или околу 400.000 евра. Покрај набавката на нови возила, со измените во Инвестициона програма на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје за 2018 година, во насока на зголемување на чистотата и хигиената во Скопје се предвидува и набавка на 6.000 нови корпи за отпадоци, за што се предвидени 6 милиони денари, или околу 100.000 евра.

Покрај овие точки, Советот на Град Скопје денеска ќе расправа за Информацијата за уписот и приемот на ученици во првата година во учебната 2018/2019 година во средните училишта и училишните домови на Град Скопје. Во оваа информација се содржани сите податоци околу процесот за упис на ученици во првата година во сите 23 средни училишта што се во надлежност на Градот Скопје, во кои за учебната 2018/2019 година во прва година вкупно се запишани 6.094 ученици, од кои за настава на македонски јазик се запишани 4.047 ученици, за настава на албански јазик се запишани 1.962 ученици, а за настава на турски јазик се запишани 85 ученици. Според видот на образованието, 2.402 ученици се запишани во паралелки со гимназиско образование, додека 3.692 ученици ќе следат настава во паралелки со стручно образование.

Од областа на образованието Советот на Град Скопје дополнително ќе расправа и за годишните Извештаи за работата на средните училишта и училишните домови на Град Скопје за учебната 2017/2018 година, годишните програми за работата на средните училишта и училишните домови на Град Скопје за учебната 2017/2018 година,  како и за поголем број одлуки за именување претставници на Градот Скопје во поголем број  образовни институции.