Реакција на о. Карпош: Трошоците за печатење на „Карпош ИН“ се јавно достапни

Реакција на објавен  текст на порталот Скопје инфо: „Општина Карпош за три години потрошила повеќе од 100 илјади евра за печатење на општинскиот весник“ .

Реакцијата на Општина Карпош ја пренесуваме во целост: 

Ве информираме дека трошоците за печатење на општинскиот магазин „Карпош ИН“ се јавен податок и локалната самоуправа во ниту еден момент не ги криела истите. Овој магазин повеќе не е стереотипно општинско гласило, каде што е најзастапен градоначалникот туку најголем простор одвојуваме за граѓаните за што говори содржината на магазинот. Во истиот се пласираат лични стории, актуелни теми за подигнување на јавната свест, успеси на млади карпошани, таленти, промоција на мали бизниси, угостителски објекти и сл. 

Во вашата вест нема поткрепа, емпириски податок за мислењето на граѓаните во врска со „Карпош ИН“. Локалната самоуправа, на крајот на секоја година спроведува теренски анкети, кои јавно се објавувани, а во истите се мери и задоволството на граѓаните од овој магазин. Повеќе од 70 % од граѓаните, во два наврати изразиле задоволство од начинот на кој е уредуван магазинот.

Магазинот се издава и во електронски формат, за помладите, а дел од содржините се прилагодуваат и за социјалните мрежи. Задржан е и традиционалниот метод на издавање на магазинот (во печат), затоа што повозрасните граѓани преферираат печатена варијанта. 

Во изминативе години, општина Карпош драстично ги намали трошоците за промотивни активности. Повеќе не се врши закуп на медиумски простор, за кој во минатото се одвојуваа илјадници евра и фокусирани сме на дигитална и двонасочна комуникација со граѓаните. 

Во насока на транспарентно и професионално информирање на граѓаните, се надеваме дека ќе ја објавите оваа реакција.