Реакции по продажбата на „Тинекс“: „Тодоровиќ ги доби најдобрите локации за маркетите благодарение на политички конекции, неблагодарно е да ги продава на некој однадвор“

Веста дека косовската компанија „Проекс Интернационал“ го презема „Тинекс“ предизвика реакции и на социјалните мрежи, каде дел од корисниците го коментираат преминувањето на еден од најпознатите домашни трговски синџири во сопственост на странска компанија.

Новиот сопственик најави дека „Тинекс“ ќе го задржи името и препознатливиот идентитет, а развојот ќе биде насочен кон модернизација на маркетите, конкурентни цени, проширување на понудата и подобра соработка со добавувачите.

Сепак, продажбата отвори и критички реакции.

Во една од објавите на социјалните мрежи се изнесуваат тврдења дека досегашниот сопственик Владимир Тодоровиќ во минатото добивал атрактивни локации и објекти за отворање маркети благодарение на политички конекции, особено во периодот кога бил градоначалник.

„Владимир Тодоровиќ, газда на Тинекс, за отворање на своите маркети ги доби најдобрите локации и објекти со паркинг, благодарение на политичките конекции во Македонија, особено во време како градоначалник. Безобразно, неблагодарно и непатриотски е што сега ги продава на некој однадвор“, се наведува во реакцијата.

„Тинекс“ е присутен на македонскиот пазар повеќе од три децении, а со преземањето од „Проекс Интернационал“ компанијата влегува во нова сопственичка и управувачка фаза.