
Иако Советот на Општина Центар на седница пред неколку недели гласаше за недонесување на одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“, сепак на социјалните мрежи се појавија натписи дека веќе се отпочнати теренски припреми за градба.
Во објава на Фејсбук, беше споделена фотографија, на која може да се забележи градежна машина пред зградата на Европскиот Универзитет во центарот на Скопје. На фотографијата е малку нејасно дали станува збор за работи за монтирање или демонтирање на објект, имајќи в предвид дека до неодамна на таа локација имаше тераса.
Во првичниот објавен натпис на фотографијата се вели: „Не помина на Советот на Општина Центар, но веќе се работи на големо на припремите за градење на чудовиштето во самиот центар на Скопје. Кучињата лаат, караваните си врват“. Во форма на скриншот, ова беше споделено како објава на фејсбук-профилот „Авто Електрика“ со натпис „Скопје мора да се уништи.Така донеле некои одлука и тоа се случува. Мора црни пари некако да се исперат“.
Во овој случај, она што скопјани ги загрижува е дали навистина на оваа локација, и покрај недобивањето на „зелено светло“ за градба, ќе се отпочнат градежни активности.
Инаку, за недонесување на предлог-одлуката гласаа сите 23 советници.