Разводите сѐ почесто се иницирани од жени - мораме да го промениме стилот на партнерство, советува психолог Попова Узуновски

Разочарувачка статистика во земјава - Расте бројот на разводи, опаѓа наталитетотот. Бракот како да станува „терет“ за голем број млади парови, а глобални експерти алармираат за сѐ почестата и загрижувачка појава на осаменост. 

„Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“, објавен од Државниот завод за статистика пожаува поразителни податоци. Минатата година бројот на склучени бракови е намален за 1.600 на 11 066, додека бројот на разведени бракови е зголемен за 259 на 2.024. Од скопските општини - Центар, Аеродром и Карпош се лидери по бројот на разведени бракови. 

Дора Попова Узуновски, психолог, гешталт терапевт и м-р на психолошки науки од областа на клиничката и советодавната психологија, со инетересен стручен став за проблематикава. Нејзината фејсбук објава вирално се шири на социјалните мрежи, а пораката е јасна - да се поработи на партнерските односи. 

- Работата со партнерските релации е дојдена до сериозна ескалација на глобално ниво. Не во Македонија, не на Балкан туку на глобално ниво. Разговарам со колеги терапевти и психолози, и секаде е исто. Секој втор клиент или клиентка доаѓа со проблемов. Масовно е, констатира таа како резултат на својата работа. 

- Многу е важно да разбереме дека архетипот на ПАТРИЈАРХАЛНАТА жена која живее во функција на потребите на мажот е речиси мртов и се наоѓа во МИНАТО СВРШЕНО ВРЕМЕ. Последните остатоци од овој тип на жени кои се силно обожавани и преферирани од мажите се во генерациите жени кои се веќе во старост или пред изумирање. Тоа значи дека голем дел од мажите се уште живеат во минатото и бесцелно го бараат идеалот на жртвата кој го гледале од нивните мајки во својата сопруга или девојка. Тоа е тешка фатаморгана. И времето повеќе НАЗАД НЕ се враќа. Времето движи напред. Иднината не предвидува место за ваков тип на жена, порачува Попова Узуновски. 

Сподели податок дека во најголем процент разводите се иницирани од жени. 

- Жената повеќе не бара финансиски обезбедувач. Бара посветеност, одговорност, да не лежиш пред ТВ кога ќе си дојдеш од работа, бара рамноправно учество во домаќинството како и таа. Процесот е почнат уште во времето на индустријализацијата (значи пред околу 100 години), а сега веќе е во финиш фаза. Од тоа време, па наваму веќе нема шанси жената на долга стаза во животот да биде еднакво квалитетно во исто време да биде посветена на домаќинството, работата, децата и да биде полна со либидо и радосна во кревет. Сето тоа истоштува и разболува. Телото не е машина. Жените стануваат рамнодушни после х време борба за да им биде слушнат гласот и се РАЗВЕДУВААТ. Во моментот кога една жена одлучува да се разведе веќе и е сериозно СЕЕДНО. Статистички најголемиот процент од разводите се иницирани од жени. Ве молам погледнете ги кафаните. Мажите седат сами, жените седат сами. Едните се фрустрирани, другите се лути. Ужас од глетка. Мораме да го промениме стилот на партнерство, бидејќи како што реков нема назад во минато време. Во спротивно, останува епидемијата на осаменоста и гасењето на природните биолошки механизми за емоционално поврзување, анализира таа. 

- Кога не се активираат клетките, после извесно време умираат. Тек тогаш ќе видиме што е паѓање на наталитетот и депопулација, гласи нејзиниот заклучок.