Министерството за здравство го разреши директорот на Универзитетската клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски, откако на социјалната мрежа „Икс“ се појави видео на кое тој разговара со друго лице за начини на консумирање дрога.
На видеото, Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија и зборува за неа со асоцијации поврзани со кокаин, додека со соговорникот, кој најверојатно го снимал видеото, дискутира дали „материјата е добра“.
„Ако е малце измешано, одма ти го враќам, ќе ги фрлам. Јас не можам со спидо и амфетамини да шмркам бело, само ако не е добро. Сакаш да го пробаш и да кажеш дали е добро“, се слуша во видеото.
Министерот за здравство Азир Алиу веднаш по објавувањето на видеото донел одлука за разрешување на Кузмановски, кој на функцијата беше поставен во август годинава. Од Министерството потврдија дека во најкраток рок ќе биде именуван нов директор, а работата на Клиниката продолжува непречено.
Од ВМРО-ДПМНЕ, чиј кадар беше Кузмановски, соопштија дека ја поддржуваат одлуката за негово разрешување.
„Немаме сомневање дека институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури. Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности. Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво“, се наведува во реакцијата на партијата.